
Официјален Техеран: Иранката која го соблече хиџабот е „вознемирена личност“, ќе оди на лекување
Младата Иранка која јавно се соблече во долна облека во знак на протест додека шеташе пред ирански универзитет e „вознемирена личност“ која се лекува, изјави владиниот портпарол. Младата жена се соблече во саботата на Исламскиот Азад Универзитет во Техеран, што на социјалните мрежи се гледа како протест против строгиот исламски кодекс на облекување во Иран.
Препорачано
Младата студентка била малтретирана од безбедносни агенти кои верувале дека таа не го почитувала строгиот задолжителен исламски кодекс на облекување, тврдеа организациите кои го обелоденија случајот во саботата. Таа остана во долна облека во знак на протест и прошета пред универзитетот, на видео кое стана вирално, пред да биде насилно однесена од безбедносните агенти. Од тогаш не се знае нејзината судбина.
„Наместо ова прашање да се гледа од безбедносна перспектива, подобро е да се гледа од социјална перспектива и да се бара да се решат проблемите на овој студент како вознемирена личност“, рече денеска владината портпаролка Фатемех Мохаџерани во првата официјална реакција за инцидентот.
Таа рече дека младата жена, идентификувана на социјалните мрежи како Аху Дарјаи, била однесена од полициската станица во центар за лекување, но нејзиниот третман не бил познат. Ројтерс не беше во можност самостојно да ја идентификува жената.
„Сè уште е рано да се зборува за враќање на овој студент на универзитетот. Според видеото објавено од нејзиниот сопруг, ѝ треба третман и тоа мора да се заврши пред да ги преземеме следните чекори“, рече Мохаџерани на веб-страницата на владата.
Жената била уапсена од обезбедувањето на универзитетот. Портпаролот на универзитетот, Амир Махџоб, напиша на Икс во саботата дека „во полициската станица… беше откриено дека (жената) била под тежок ментален стрес и дека боледува од ментално растројство“.
Сè повеќе Иранки низ целата земја им пркосат на властите и ја отстрануваат исламскиот џихаб во знак на протест по смртта на младата Махса Амини, припадник на Курдите во Иран во септември 2022 година.
Оваа жена почина додека беше во полициски притвор за морал поради кршење на правилата за носење хиџаб. Безбедносните сили ги задушија демонстрациите со насилство.
Невладината организација Амнести интернешенел напиша на Икс дека една млада жена „ била насилно уапсена на 2 ноември кога се соблекла во знак на протест против задолжителното носење хиџаб од страна на безбедносните службеници на Исламскиот универзитет Азад во Техеран“ и повикала на итно ослободување.
Вчера, новинска агенција Тасним објави дека оние што реагираат на социјалните мрежи припаѓаат на „истото антииранско движење кое го критикуваше случајот Махша Амини во 2022 година“. Неофицијалната веб-страница Хабаронлајн објави дека владината портпаролка изјавила дека не е покренато обвинение против уапсената студентка.