
Одлуките на ДКСК пристигнаа до Судскиот и обвинителскиот совет, мора да постапат до 29 ноември
Во Судскиот совет пристигнала одлуката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) со која ги оспори номинациите на двајцата членови од Советот во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Препорачано
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева потврди дека конечно ја добиле одлуката од ДКСК која тие ја испратиле по курир, откако на почетокот на неделата Судскиот совет и Советот на јавни обвинители тврдеа дека не им се доставени одлуките на Антикорупциска.
– Во одлуката е содржано укажување до Судскиот совет и до Советот на јавните обвинители да преземат мерки за надминување на настанатата состојба на начин што пред започнувањето на мандатите на новите членови на Управниот одбор на Академијата, а најдоцна пред истекот на мандатот на актуелниот состав на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, кој истекува на 29.11.2024 година да ги стават вон сила своите одлуки, кои се во спротивност со Законот за академијата за судии и јавни обвинители и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, соопштија денеска од ДКСК за „Слободен печат“.
Претседателката Дамева која денеска присуствуваше на јавната дебата организирана од Министерството за правда за реформи на Судскиот совет додаде дека Советот ќе ја анализира одлуката, а потоа ќе ја соопшти во јавност.
„Дописот од ДКСК е доставен во текот на вчерашниот ден до советот на јавни обвинители. Истиот ќе биде предмет на разгледување од страна на членовите на Советот и после тоа ќе се произнесеме по наш став по одлуката“, изјави претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска.
Државната комисија за спречување на корупцијата, по сопствена иницијатива, оформи предмет во врска со информациите за номинирање на членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители откако Судскиот совет ги номинираше членовите м-р Антоанета Димовска и Ханиф Зендели за членови на Управниот одбор на АСЈО, а Советот на јавни обвинители ги номинираше претседателката Душица Димитриеска и заменикот Башким Бесими на истата позиција во Академијата.
Според Антикорупциска, овие одлуки се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и на законот за Академијата. Антикорупционерите на седницата во петокот посочија дека номинирањето на двајца членови од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор е спротивно на членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Причината за ова е што Управниот одбор на Академијата одлучува по жалбите на кандидатите за судии и обвинители, додека советите ги избираат истите што претставува директен судир на интереси.
„Неспорно е дека Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители одлучува по приговори на кандидатите во АСЈО, кои по завршување на Академијата ги избира Советот, но неспорно е и дека во постапката за избор учествува и Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои завршиле Академија. Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО поради судир на интереси“, реагираше претходно Судскиот совет.
Но Антикорупциската комисија на седницата минатиот петок утврди дека членството на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во Управниот одбор на Академијата е во согласност со друг закон кој предвидува исклучок од забраната за членство во управни и надзорни одбори.
„Во овој случај, не постои никаква основа за наводи за злоупотреба на буџетски средства”, беше истакнато од Антикорупциска, која одлучи да ја запре постапката.