Одлуката на Американската централна банка – економски чекор или политички предизвик?

Фед ja намали референтнaтa камата за 0,25 поени за да ја поддржи економијата и да реагира на слабеењето на пазарот на трудот. Сепак, централната банка се наоѓа во сложена ситуација бидејки инфлацијата сè уште е над целта од два проценти, а одлуките се под влијание и на политичкиот притисок од Белата куќа.

Американската централна банка „Фед“ објави намалување на референтните камати за четвртина процентен поен, при што каматниот опсег сега изнесува од 4 до 4,25 проценти. Ова е прво намалување на каматните стапки во текот на оваа година, а последен пат ваков потег беше направен во декември 2024 година. Одлуката беше очекувана, бидејќи претседателот на централната банка, Џером Пауел, на симпозиумот во Џексон Хол најави дека „Фед“ внимателно ги следи показателите и е подготвен на промени. Намалувањето доаѓа во момент кога американската економија се соочува со мешани сигнали, со инфлација која и понатаму е над целта (2%) и со пазар на труд кој испраќа знаци на слабеење.

Економски последици и реакција на пазарите

Централната банка ја зголеми прогнозата за раст на економијата за оваа година и очекува плус од 1,6% проценти, нешто повеќе од претходната проценка од 1,4 проценти. Истовремено, инфлацијата се очекува да се движи околу три проценти, што е над нивото кое „Фед“ го смета за стабилно. Намалувањето на каматите има цел да ја поддржи економската активност, да ги намали трошоците за кредитирање и да ги охрабри инвестициите и потрошувачката. Сепак, експертите предупредуваат дека постои опасност инфлацијата повторно да забрза, особено под влијание на тарифната политика на администрацијата на Доналд Трамп која ги зголемува увозните цени.

Финансиските пазари реагираа воздржано на оваа одлука. Индексот S&P500 забележа мал пораст, додека Dow Jones накратко достигна рекордно ниво од речиси 40262 поени, по што повторно се врати на пониско ниво. Nasdaq заврши малку пониско во однос на претходниот ден. Оваа реакција покажува дека инвеститорите веќе ја очекуваа мерката и дека пазарот внимателно ќе ги следи следните чекори на централната банка. Аналитичарите предупредуваат дека доколку економијата продолжи да слабее, можно е „Фед“ да продолжи со дополнителни намалувања, но тоа ќе зависи од динамиката на инфлацијата и состојбата со вработувањето.

Политички притисок и неизвесна иднина

Одлуката на „Фед“ не може да се разгледува изолирано од политичкиот контекст. Претседателот Доналд Трамп повеќе пати јавно го напаѓаше Џером Пауел и бараше драстично намалување на каматите. Иако „Фед“ формално е независна институција, ваквите изјави создаваат дополнителен притисок и дилеми околу тоа дали централната банка може да носи одлуки само врз основа на економските показатели. Трамп дури отиде чекор понатаму и ја разреши гувернерката Лиса Кук со образложение дека дала неточни информации во хипотекарни договори, по што таа поднесе тужба против Белата куќа тврдејќи дека станува збор за политичка одмазда и кршење на федералните закони.

„Фед“ се наоѓа во сложена ситуација. Од една страна се потребни поттикнувачки мерки за да се спречи забавување на економијата и пораст на невработеноста. Од друга страна инфлацијата и натаму останува над целта, а новите тарифи и зголемените трошоци на компаниите може да ја потхранат уште повеќе. Во ваков контекст централната банка мора да балансира меѓу ризиците, со свест дека секоја погрешна проценка може да ја наруши довербата во доларот и стабилноста на американската економија. Сепак, намалувањето на каматите испраќа сигнал дека „Фед“ е подготвен да дејствува проактивно и да ја прилагоди својата политика на променливите околности.

Заклучокот од оваа одлука е јасен, „Фед“ се обидува да најде пат помеѓу економските слабости и инфлациските закани, но политичките влијанија и глобалната неизвесност ја прават задачата исклучително тешка. Останува да се види дали ова намалување ќе биде доволно за да ја стабилизира економијата или ќе биде само прв чекор во подолга серија мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот