Проверка во Избирачки список

Од третманот на независните зависи дали ќе има хаос на локалните

Откако Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик со кои партиите го зголемија прагот за потребни потписи за еден отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите, експерти велат дека за промена на изборниот модел, за отворени листи и други промени на изборното законодавство, е потребен нов изборен законик

Партиите итно да го регулираат учеството на независните кандидати на претстојните локални избори за да не се случи хаос, порачуваат експертите откако Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик, со кои партиите го зголемија прагот за потребни потписи за еден отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите. Тие велат дека за промена на изборниот модел, за отворени листи и други промени на изборното законодавство, е потребен нов изборен законик, за што партиите имаат време до парламентарните избори. Парламентарните партии, пак, дури од следната недела ќе се обидат да се координираат за да утврдат услови за учество на независните кандидати на изборите, но затоа во Собранието веќе стасаа предлози за промена на изборниот модел и за отворените листи.

Новаковски: Да се уважи препораката на ОБСЕ

Експретседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски за „Слободен печат“ вели дека приоритет на партиите сега треба да биде регулирање на учеството на независните кандидати на локалните избори.

Александар Новаковски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

– Одлуката на Уставниот суд за тие две одредби е укинувачка, тоа значи дека не постои старото решение, значи има вакуум и треба пред локалните избори да се донесе, во спротивно ќе направат хаос без да знаат за последиците, зашто тоа што не е забрането со закон, е дозволено. Добро е да го решат тоа прашање, зашто за независни и за група избирачи се зборува низ целиот Изборен законик – вели Новаковски.

За крупните барања, какви што се промена на изборниот модел и за отворените листи, Новаковски смета дека треба да се уважи препораката на ОБСЕ, односно да се донесе нов изборен законик.

– Промена на моделот не се прави преку ноќ, затоа што тоа ќе значи решавање и на многу други прашања, кои можеби за некого се технички, но влијаат врз начинот на кој ќе се спроведува и врз работата на ДИК. Што се однесува за отворените листи, тоа е уште покрупно прашање. Отворените листи треба да се наведат во Изборниот законик, затоа што начинот на сумирање, односно утврдување на резултатите е малку покомплициран. Има време за тоа до следните избори – вели Новаковски.

Тој потсетува дека Собранието не ги спровело ниту последните препораки на ОБСЕ и ОДИХР, кои работната група ги доставила до Министерството за правда од претходниот состав.

– Тие не беа доставени ниту во Собрание, ниту, пак, поминаа на Влада. Станува збор за околу 60 члена. Некои од препораките не се прифатливи и е дадено објаснување зошто. Таа работна група немаше мандат за изборниот модел. Ако се прави промена на моделот, треба да се прави нов изборен законик, а и препораката на ОБСЕ е тоа да се стори до следните парламентарни избори. Нов изборен законик треба да ги реши сите прашања, нема потреба од парцијални измени – смета Новаковски.

Партиите со различни ставови

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека приоритет ќе биде да се утврдат условите за учеството на независните кандидати и да се направи обид за консензус за тоа колку потписи се потребни за кандидатура на независен кандидат во пресрет на локалните избори.
Според ова, промената на изборниот модел и отворените листи ќе почекаат.

Венко Филипче Фото: Фексбук СДСМ

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека се отворени за разговори за една изборна единица, особено за отворени листи. Тој смета дека за овие прашање е потребна средба на парламентарните и на вонпарламентарните партии зашто ги засега сите.

– Треба да се состанеме и за изборниот модел и за отворените листи и да видиме за што може да се усогласиме. Ако има консензус за цел пакет, ќе биде добро. Отворени сме за дебата и за лидерска средба на парламентарните и на вонпарламентарните партии, кој и да ја иницира – вели Филипче за „Слободен печат“.

И потпретседателот на ДУИ Бујар Османи преку Фејсбук порача дека се за отворени листи.

– За следните парламентарни избори, ДУИ ќе предложи отворени листи. Граѓаните мора да имаат право да изберат не само партија, туку и кандидатот што ќе ги претставува. Ова е најправичниот начин да се зајакне гласот на избирачот и да се обезбеди вистинско претставување во Собранието – напиша Османи.

Бујар Османи – министер за надворешни работи / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Од друга страна, за ДУИ е прифатливо да има една изборна единица, но со праг од 3 до 5 отсто, што, пак, за помалите партии е неприфатливо.
Според Новаковски, ако е прагот висок 3 или 5 отсто, тоа автоматски значи дека не сте за една изборна единица.
Зијадин Села, лидер на дел од Алијанса за Албанците, останува на ставот дека за нив е неприфатливо промена на изборниот модел во една изборна единица зашто, како што вели, би бил штетен за Албанците.

– Тие не се дел од населението во источниот дел од земјата и процесот не може да се контролира – вели Села.

Тој повтори дека предлогот на АА е да се оди со осум изборни единици. И според Села треба да се воведат отворени листи, бидејќи граѓаните така би можеле сами да ги избираат пратениците, а не тоа да го прават лидерите на партиите.
Претседателот на Беса и тетовски градоначалник Билал Касами смета дека прашањето дали треба да има една наместо шест изборни единици е комплексно. Во рамките на коалицијата Вреди сè уште немаат формирано став за ова прашање.

– Ова е комплексно прашање, не е едноставно да се произнесеме. Сè уште во рамките на Вреди се формира став, затоа што посебните партиите од Вреди во минатото имале свои ставови, дали за една, дали за три или за осум изборни единици. На крајот на денот треба да имаме предвид дека за секоја промена на изборниот законик и за реорганизација на изборните единици треба да се внимава да нема етнички реперкусии. Затоа, кога ние ќе изградиме заеднички став, тоа ќе го објасниме и ќе дадеме образложение зошто стоиме зад тој став – истакна Касами.

Фото: Слободен печат

ЛДП и Демократскиот сојуз веќе доставија предлог-закони за една изборна единица и за отворени листи, кои следната недела се очекува да се најдат пред пратениците. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи една изборна единица, под услов да биде вклучена и дијаспората која, освен во и дипломатско-конзуларните претставништва, да може да гласа и на други места ако тоа го дозволуваат државите каде што живеат.

 

„Независни граѓански иницијативи“: Итно носење на измените во Изборниот законик за намалување на прагот за поднесување независни кандидатски листи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот