Комплекс „Македонско село“

Од репрезентативен до руиниран објект, нова шанса за „Македонско село“

Аукцијата е закажана за 20 март, предмет на закуп се три групи на недвижности за период од 15 години. Почетната месечна закупнина се движи од 44 до 91.000 денари, за рестораните, апартманите и рецепцијата

Владата го објави огласот за давање под закуп на комплексот „Македонско село“ во Нерези, Скопје, кој е во државна сопственост. Предмет на електронското јавно наддавање е закупот на групи од недвижни ствари, сопственост на Република Македонија за период од 15 (петнаесет) години, со исклучителна намена за угостителска и хотелиерска дејност според намената за која е изграден.

Аукцијата е закажана за 20 март, а почетниот износ на месечниот закуп за првата група објекти во кои спаѓаат Струшка куќа, Македонски Ан, Велешка куќа, Етно бар, Рибник, Трло, Валалница и Воденица е 91.575 денари. За да ја докажат сериозноста на понудата, заинтересираните закупувачи треба да достават банкарска гаранција од 2 проценти од проценетата вредност на недвижностите во износ од 366.298 денари. Во овие куќи има ресторани и апартмани.

Во втората група на недвижности влегуваат Галичката, Реканската и куќата од Скопска Црна Гора и за нив почетната месечна кирија е 54.839 денари, додека банкарската гаранција е 219.357 денари. Во овие куќи има само апартмани со површина од 18 до 104 квадрати.

Третата група на недвижности за кои Владата ќе бара закупувач ги има Делчевската, Кумановската и Тетовската куќа, како и зграда со рецепција. И во овие куќи има само апартмани од дваесеттина до 156 метри квадратни. Почетниот месечен наем за овие апратмани е 44.529 денари, а банкарската гаранција изнесува 178.116 денари.

Пред крајот на минатата година, од Владата најавија дека Комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези, ќе биде повторно отворен пролетта 2025 година. Се зборуваше и дека ќе се бара приватна фирма, која ќе отвори угостителски објекти во комплексот и ќе ги изнајмува за ноќевање куќите кои ги претставуваат различните региони во земјава.
Комплескот е затворен веќе седма година, а претходната Влада на СДСМ и ДУИ ништо не направи повторно да го заживее комплексот, откако од него се откажа концесионерот, односно фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ. Се зборуваше дека од него ќе се прави стартап село, но тоа не се оствари.

-Комплексот е направен и мора да се грижиме за него. Без разлика дали тој е исплатив или не, не смее да скапува. Направивме увид и затекнавме хаотична ситуација, искршени клупи, оштетени кровови и фасади, електричните возила не работат. За среќа, во внатрешноста на куќите нема поголеми оштетувања. Во моментов Бирото за проценка врши проценка на објектот и штом ги добиеме тие податоци, а тоа очекуваме да биде до крајот на неделава, ќе го објавиме огласот за избор на фирма која ќе го добие под наем комплексот – сумираше лани во декември, Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Изградбата на „Македонско село“ почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложила 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а  2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот