Онлајн шопинг/ Фото: TEK IMAGE / Sciencephoto / Profimedia

Од Народната банка предупредуваат да се внимава при онлајн купувањата

Доколку добиете сомнителен повик, порака или е-пошта, првиот чекор е да го проверите изворот – дали навистина доаѓа од вашата банка или од надлежна институција. Никогаш не отворајте е-врски, не преземајте прилози и не споделувајте лични податоци, предупредува главниот одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка, Горан Јанкоски, гостувајќи во емисијата „Приказна“ на Македонската телевизија

Банките, вели тој, нема да побараат ПИН, лозинка или друг чувствителен податок преку телефон или е-пошта. Најбезбедно, според Јанкоски, е веднаш да се прекине комуникацијата и да се контактира својата банка. Пријавувањето вакви случаи е важно и за заштита на другите корисници, апелира Горан Јанкоски.

Тој говореше за сѐ почестите облици на дигитални банкарски измами, особено оние поврзани со електронската трговија. Според податоците, во 2024 година значително е зголемен бројот на измами поврзани со онлајн плаќања, особено при купување од странски електронски продавници. Овие измами се почести отколку измамите при плаќање на физичките места, што уште повеќе ја истакнува потребата од внимателност при онлајн купувањето и поголема свесност за ризиците во дигиталниот простор.

Јанкоски нагласи дека Народната банка, следејќи ги светските дигитални трендови, постојано работи на унапредување на регулативата за зголемување на сигурноста при користењето банкарски и платежни услуги. Ова се прави во соработка со банките, преку активности за запознавање на јавноста – брошури, видеоматеријали и други материјали коишто постојано ја нагласуваат најважната порака: ниту една банка нема да побара лични податоци преку порака или е-врска.

„Дигиталната писменост е особено важна за заштита од измами и за создавање безбедна дигитална финансиска средина. Со сè поголемото користење на онлајн банкарството, неопходно е граѓаните да знаат како безбедно да ги користат овие услуги и да ги препознаат потенцијалните ризици. Народната банка активно работи на ова поле – годинава, на пример, организиравме обука за наставниците за теми како лажни пораки (фишинг) и дигитални измами, за да може овие знаења да им се пренесат и на младите, кои се сè поизложени на дигиталните закани“, истакна Јанкоски.

Тој додаде дека преку усвојување нови законски решенија усогласени со европските прописи, веќе се воведени системски механизми, особено во областа на платежните услуги, коишто обезбедуваат посигурна инфраструктура за извршување на платежните трансакции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот