Фото: pexels-readymade

Од македонските чешми тече изворска вода- домаќинствата се „најжедни“

Една претходна анализа покажа дека Македонија се наоѓа високо на листата на земји каде што безбедноста на водата се влошува од година во година

Македонците пијат главно изворска вода, со оглед на фактот дека лани повеќе од 50 отсто од водата за пиење (57 отсто) од јавните водоводи доаѓала од природните извори. Според најновата статистичка анализа во 2024 година, во јавниот водовод биле зафатени и преземени 306.649 илјади м3 вода за снабдување, што е за 4,6 отсто повеќе во однос на  2023 година.

-Од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода, 57 отсто дошла од изворите, а најмалку – само 1 процент од езерата – прецизира ДЗС.

Климатските промени и зголемувањето на населението во градовите кои се приклучени на водовоната мрежа, ја зголемило и жедта. Така вкупното количество испорачана вода од јавен водовод во 2024 година било за 2,6 отсто повеќе во однос на претходната година. Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои потрошиле 69 отсто од вкупната испорачана вода од јавен водовод.

Статистиката измери дека се зголемило и вкупното количество отпадни води во 2024 година и тоа за 12 отсто повеќе во однос на 2023  година. Но за разлика од другите европски земји во Македонија дури две третини од отпадните води се непречистени (75,5 отсто), додека пречистеното количество е само 24,5 отсто.

Според една претходна анализа на добротворната организација Ватервајс и британското тело за стандарди БСИ, Македонија ќе има проблем да обезбеди квалитетна вода во иднина доколку продолжи неконтролирано да ја троши и да не ги спречува огромните загуби. Анализата покажува дека Македонија се наоѓа високо на листата на земји каде што безбедноста на водата се влошува од година во година. Јужна Африка и Турција се наоѓаат на врвот на листата со вкупни оценки – 30 и 28, а потоа следат Кина, Кипар, Индија, Македонија и САД со оценка 27.

Македонија исто талка е една од земјите со најголеми загуби на вода во регионот – околу 63 проценти, објави ДВ. За справување со овој проблем потребен е континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа, со цел да се намалат загубите на вода од извор до чаша. Според податоците за 2023 година на ниво на цела држава, загубата на вода во просек изнесува над 60 проценти.

Проценките се дека земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје – дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 отсто од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот