Грција лето / Фото: EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

Од мај летувањата ќе бидат зачинети со плус 7 евра од човек

Доколку се воведе ваквата такса, јасно е дека тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат. Уште полошо е што таа ќе се совпадне со летните одмори, за кои има најголем интерес од нашите граѓани, велат дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“

Туристичките агенции се` уште немаат добиено официјален меил за дополнителните 7 евра за влез на македонските граѓани во европските земји. И тие се информирани за најавите дека пред посетата на некоја од земјите членки на ЕУ, од мај 2023 година ќе треба да се издвојат 7 евра, но чекаат детали како и каде ќе треба да се плаќа оваа такса.

Туроператорите веќе почнаа со продажба на предсезонските аранжмани за претстојното лето, па се надеваат дека навреме ќе ги добијат потребните информации за да ги предупредат клиентите. Минатата година околу половина милион македонски граѓани ја посетиле Грција со што земјава е на 11-то место меѓу топ 15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ).

-Се уште чекаме официјално известување, па немаме детални информации, дали навистина ќе стартува ова плаќање. И ние сме во недоумица, бидејќи има повеќе отворени прашања, кои секако мора да се одговорат пред сезоната. Доколку се воведе ваквата такса, јасно е дека тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат. Уште полошо е што таа ќе се совпадне со летните одмори, за кои има најголем интерес од нашите граѓани – велат во дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“.

Последните вести за новиот трошок на бриселските власти датираат од летоска, а според нив, во мај 2023 година, ќе биде лансирана долгоочекуваната шема за укинување на визите, ЕТИАС.

-Иако ЕТИАС не е исто што и виза, сепак постои процедура за која ќе мора да се плати, налик на американската шема ЕСТА. Постапката ќе биде побрза, онлајн и без биометриски информации во споредба со досега, а лицата од 18 до 70 години ќе ги чини седум евра. Засега е непознато дали за останатите ќе биде бесплатна или поевтина. ЕТИАС, односно Европски систем за информации и авторизација на патувања, требаше да стартува кон крајот на оваа година – објавија медиумите.

Инаку, новата постапка ќе биде задолжителна за сите кои влегуваат од ЕУ од земји на кои досега не им беше потребна виза, што ги вклучува и Македонија, САД и Велика Британија.

„Процесот на аплицирање ќе оди преку автоматизиран систем и во 95 отсто случаи, одобрението ќе биде издадено за неколку минути. Во исклучителни случаи, најдолгото време за чекање ќе биде до еден месец“, соопштија од Брисел. ЕТИАС-одобрението ќе биде валидно за неограничен број влегувања во ЕУ во рок од три години.

Медиумите од соседството, веќе објавија информации според кои „ЕК нагласила дека пред почетокот на примената на правилата ЕТИАС за патување во ЕУ, ќе има транзициски период од шест месеци во кој патниците ќе бидат информирани за новите правила, а потоа и „грејс период“, при што ќе се бара нова дозвола, но ќе биде прифатено оние кои првпат ја преминуваат границата на ЕУ да ја немаат под новите услови“.

Туристичките работници потсетуваат дека од 1 јануари 2018 година сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција должни се на гостите да им наплаќаат данок за престој-таканаречена туристичка такса. Во Италија висината на туристичката такса се движи од 2-7 евра од ден, во Шпанија од 0,45-2,25 евра, во Црна Гора 1 евро од ден, во Србија од 50-140,00 динари, зависно од категоријата на туристичкото место.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот