
Од јануари целосно дигитално пријавување на новороденчиња преку проектот „е-бебе“
Од јануари следната година, пријавувањето на новороденчињата ќе се врши целосно дигитално, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Новиот систем е дел од проектот „е-бебе“, кој предвидува родителите да го добијат првиот извод од матичната книга на родени директно во болница, најдоцна 48 часа по раѓањето на детето.
Препорачано
-Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно предизборно ветување. Министерството од почетокот на годината формираше работна група со повеќе институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство – Управата за електронско здравство и јавните здравствени установи, со цел целосна автоматизација на издавањето на првиот извод – се наведува во соопштението на Министерството.
Проектот „е-бебе“ е поддржан и од Канцеларијата на УНИЦЕФ. Според Министерството, со користење на Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, веќе е овозможено поврзување на сите засегнати институции за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето.
Во втората фаза на проектот ќе бидат интегрирани и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и помошта за новороденче што ја доделува Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Андоновски додаде дека од родителите ќе се бара да имаат кориснички профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги.