
Од ЕУ добивме грант од 5 милиони евра за две фотонапонски електрани
Фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“ ќе задоволат потреби за повеќе од 7.000 домаќинства
Денеска беше ставен потпис на неповратни 5 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан, а за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“ кои треба да придонесат за успешна енергетската транзиција.
Препорачано
– Со вкупен инсталиран капацитет од 33 мегавати и производство од 44 гигават-часови електрична енергија, овие електрани ќе придонесат за енергетската сигурност на нашата земја и ќе задоволат потреби на повеќе од 7.000 домаќинства – рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Таа посочи дека овој проект е многу важен и за декарбонизацијата на нашата земја. Годишно, ќе значи намалување на емисија на јаглерод диоксид за 40.000 тони, а ќе значи и рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае врз поздрава животна средина.
Вчерашниот договор е надоврзување на претходниот договор со Европската банка за обнова и развој кога ни беше одобрен кредит од 25 милиони евра за овие две фотоволтаични централи.
– Повеќе пари низ светот сега одат во фотоелектрани и соларна енергија отколку во сите други технологии за производство на електрична енергија заедно. А овој тренд се гледа и со заложбата на ЕУ за поддршка на АД ЕСМ, со повеќе од 30 милиони евра грантови за финансирање за проекти од ветер, хидро и соларната енергија. Можностите за инвестирање се зголемуваат гледајќи го природниот потенцијал на земјата. ЕУ и нејзините партнери ќе продолжат да го поддржуваат патот на Северна Македонија кон декарбонизација, обезбедувајќи диверзификација и безбедност на нејзините енергетски резерви – изјави амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.
Договорот за грантот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу.
– Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетентни понудувачи во согласност со највисоките европски и светски стандарди. Постапката за избор на изведувач за проектирање, набавка, изградба како и евалуацијата на понудите ќе се спроведува во согласност со правилата и условите на ЕБОР – изјави Узунчев.
На прашањето зошто сè уште не се преземени вработените од РЕК Осломеј во веќе изградените фотоволтаици по пат на јавно-приватно партнерство, директорот Узунчев рече дека обврската за преземање на вработените сè уште стои.
– Ние сме во фаза на имплементација на обврската. Кога дојдов на чело на компанијата, наследив многу предизвици, вклучително и овој. Работите се решаваат во од и прво треба да ги решите побитните работи за да стигнеме до преземањето на работниците. Тоа ќе биде реализирано, но не можам да кажам во која временска рамка – рече Узунчев.
Објавен јавен повик за копање јаглен
По раскинување на еден од договорите со „Марковски компани“ за копање јаглен, објавен е нов јавен оглас во петокот, рече директорот на ЕСМ Узунчев.
– Во петокот е објавен отворен повик за јавна набавка со скратени рокови од 20 дена, а кој ќе копа јаглен наместо „ Маркоски компани“ ќе покаже времето, односно кога ќе заврши целата постапка – рече директорот.
Тој информираше дека „Маркоски компани“ засега го нема обжалено известувањето за раскинувањето на договорот и активирањето на банкарската гаранција од страна на АД ЕСМ.
Прашан дали „Маркоски компани“ може повторно да се јави на огласот, тој рече дека не може бидејќи доби негативна референца.