
Од 13 до 19 мај Скопски градски фестивал: Пет дена културна синергија низ звуци, зборови и слики
Шестото издание на Скопскиот градски фестивал, што ќе се одржи од 13 до 19 мај, ја продолжува својата мисија да гради културна сцена со јасна уметничка визија и интегритет, преку програма што обединува музика, книжевност и визуелна уметност, спојувајќи домашни автори и изведувачи со уметници од Словенија, Грција и Европа.
Препорачано
– Програмата не е составувана според трендови, туку според вредности. Секој артист е избран врз основа на квалитет, оригиналност и контекстуална важност, со цел да создадеме фестивал што придонесува за културниот идентитет на градот, а не само за неговиот календар на настани – велат организаторите.
Фестивалот ќе биде отворен на 13 мај во Музејот на Град Скопје со вечер посветена на словенечката култура. Писателот и дипломат Милан Јазбец ќе ја промовира својата поетска збирка „Се отвори небото, песни за Магда“, уметницата Магда Шаламон ќе ја претстави изложбата „Хималаи и Словенечките планини во слика и со збор“, а „Дупљак Вилеџ оркестра“ ќе приреди концерт со традиционална словенечка музика.
На 15 мај, во малата сала на Филхармонија, настапуваат тројца македонски изведувачи што творат под етикетата на „Кроација рекордс“: иновативната група „Код 369“, виртуозниот гитарист Мухамед Ибрахими и Иван Кукиќ со својот бенд „Источен фронт“.
Програмата продолжува на 16 мај со настапот на грчкото трио „Џумен тач“ – познато по уникатниот спој на џез, светска музика и медитерански ритми. Потоа, сцената ќе ја преземат македонскиот џез-контрабасист Мартин Ѓаконовски, германскиот пијанист Роман Бабик и младиот тапанар Левин Ѓаконовски.
На 17 мај, во Културно-информативниот центар ќе настапи „Сонц квартет“, предводен од виолинистката Тања Сонц, една од најистакнатите словенечки музички уметници, позната по техничката прецизност и силната музикалност.
Фестивалот ќе биде заокружен на 19 мај во просторот „Аудиокултура“, со промоција на албумот „Дром“ на грчкиот хармоникаш Танос Ставридис, проект инспириран од источномедитеранските и балканските музички корени, претставени низ современ пристап и звучна елеганција.
Организатор на фестивалот е „Баги комуникации“, а поддржувачи се Министерството за култура и туризам, НЛБ банка, Амбасадата на Словенија во Македонија, ЛТХ Леарница и Рото. Медиумски партнери се „Слободен печат“ и Радио „Буба Мара“.
Влезници за концертите на 15, 16 и 17 мај се достапни преку онлајн платформата „Мк тикетс“.