
Обвинителството по сторијата на ИРЛ за случајот „Пулс“: УЈП е за даночни прашања, затоа не е опфатена со обвинението
Откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави документарниот филм „Кочани – наш морален компромис“ во кој се откриваат нови детали околу спрегата меѓу сопствениците на импровизираниот клуб и вработени во институциите и врските помеѓу луѓе вмешани во случајот и правосудството, со своја реакција се огласи Јавното обвинителство.
Препорачано
Оттаму велат дека ги земаат предвид, постапуваат и вршат проверки за сите наведени докази.
„При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение“, велат од Обвинителството.
Во филмот се објавени пораки помеѓу синот на сопственикот на импровизираната дискотека „Пулс“, Михајло Јованов, и Драган Паунов, инспектор во УЈП во Кочани, кој според прикажаното ги предупредувал газдите за доаѓање на инспекциите и за тоа добивал подароци. Паунов е брат на Даниела Димовска, новата в.д. претседателка на скопскиот Кривичен суд, каде треба да започне судењето за 35-темина обвинети за трагедијата во Кочани.
„Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ ,не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение“, пишува во соопштението.
Во катастрофалниот пожар кој се случи на 16 март годинава во нерегистрираната дискотека-дивоградба „Пулс“ во Кочани, загинаа 62-ца млади луѓе, а околу 200 беа повредени.