Данела Арсовска по нападот врз неа кај Бит-пазар / Фото: Принтскрин

Обвинителството кривично гони двајца за насилство врз Арсовска, за едниот кој и физички ја нападнал бара притвор

Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба

Скопското обвинителство информираа дека кривично се гонат две лица за насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

-Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата “Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал – велат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице.

-Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв – информираа од скопското обвинителство.

Оттаму додаваат дека бараат притвор за напаѓачот на градоначалничката.

-Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство, информираа од Обвинителатвото.

За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот