Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Обвинителството донесе одлука во корист на правото на информирање на граѓаните – ја отфрли пријавата против новинар за телефонско снимање

Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена против еден новинар и телевизиска куќа, кои беа пријавени за неовластено прислушкување и тонско снимање, поради објавена телефонска снимка со службеничка на Град Скопје во централниот дневник.

Според обвинителството, нема елементи на кривично дело, бидејќи новинарот ја контактирал и снимил пријавителката во својство на раководител на Одделението за односи со јавност во Градот Скопје, со цел да добие став за сообраќајниот метеж во главниот град, предизвикан од нефункционална сигнализација.

„Постои висок јавен интерес – граѓаните имаат право да знаат зошто улиците им се закочени“, стои во образложението. Новинарот, се нагласува, имал обврска да постави прашања и да ги повика на одговорност јавните функционери, а телефонското снимање, иако без согласност, било оправдано од јавниот интерес и не содржело невистинити или штетни информации.

Обвинителството се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права, особено на случајот Radio Twist против Словачка, каде што било потврдено дека тајното снимање во новинарството е дозволено доколку е пропорционално и насочено кон заштита на јавниот интерес.

Одлуката на ОЈО Скопје е правосилна и веќе потврдена од Вишото јавно обвинителство. Како добар правен пример, решението ќе биде доставено до новинарски здруженија и организации за слобода на изразување, со цел поддршка на домашната пракса и поголема правна сигурност за медиумските работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот