
Обвинителството бара 48-часовен притвор за четири лица за пожарот во Трубарево
Основното јавно обвинителство – Скопје вечерва извести дека започнало истрага против четири лица поврзани со пожарот во селото Трубарево. Кривичната постапка се води под основано сомнение за учество во дело „загрозување на животната средина и природата со отпад” според член 230 од Кривичниот законик.
Препорачано
Јавното обвинителство ќе бара од судија на претходна постапка определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази. Како што наведува, оваа мерка е потребна за да се овозможи целосно расветлување на околностите што довеле до настанување на пожарот во складиштето за електронски отпад.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица“, се вели во соопштението.
Премиерот Христијан Мицкоски попладнето потврди дека четирите лица се приведени и дека истрагата е во тек.
Јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои сè уште постапуваат надлежните органи. Се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина што ќе дадат детална слика за еколошките последици од инцидентот.