
Обвинителство се жали за куќниот притвор на Јахоски – жалба поднел и Капушевски
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе жалба на решението на судијата на претходна постапка за куќниот притвор на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски кој е син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.
Препорачано
– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го разгледа решението со кое не се прифати предлогот на Обвинителството за определување на мерка притвор и на осомничениот му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа. Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение – соопшти Обвинителството.
Сопственикот на РКМ, Капушевски, завчера вечерта заврши во Шутка, а неговиот адвокат Еленко Миланов за „Слободен печат“ потврди дека веќе поднеле жалба на решението. Јахоски пак, според нашите неофицијални информации го брани адвокатот на избеганиот поранешен вицепремиер Артан Груби, Владимир Доневски кој засега нема коментар за решението за куќен притвор за Јахоски.
Вчера Судот и Обвинителството излегоа со различни верзии за тоа кој се согласил и кој прифатил затворскиот притвор за Јахоски да му биде преиначен во куќен.
Обвинителството тврдеше дека обвинителот предложил затворски притвор за Јахоски, а судијата на претходна постапка не го прифатил предлогот на Обвинителството.
-Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на Обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација. Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на Обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа – велат од Обвинителство.
Завчера вечерта по определувањето на притворите, судот пак тврдеше дека пред судијата јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.
-По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијата на претходна постапка – соопшти Судот.
Обвинителството отвори истрага и според соопштението од Обвинителството, Капушевски и неговата компанија се сомничи дека неговата фирма две години увезувала мазут за ТЕЦ Неготино иако не ги исполнувале условите за јавниот повик и поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.
-Во периодот од 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра – велат од Обвинителство.
Капушевски и неговата фирма се сомничат за кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи за „Перење пари“.
Според Обвинителството имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување на пари, а во два наврати како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720.000.000 денари) за што обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.
Обвинителството бараше притвор за петмина осомничени, меѓу кои и за поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и е обвинет и во предметот „Адитив“. Притвор беше одреден за Капушевски, Ерџан Сулкоски, порано вработен во „Пуцко петрол“, а сега бизнис партнер на Капушевски и за поранешниот директор во ЕСМ, Аедијан Муча. Јахоски доби домашен притвор.