
Облози од над една милијарда фунти вложени на коњичкиот фестивал Челтенхам
Познатиот коњички настан што традиционално се организира во Велика Британија, годинава привлече над 274.000 обложувачи кои ставиле рекордна вкупна сума на своите фаворити
На четиридневниот коњички тркачки фестивал Челтенхам во Велика Британија обложувачите ставиле облози од вкупна вредност од над една милијарда фунти, јавуваат медиумите од Островот.
Препорачано
Вкупно има над 274.000 обложувачи, што е рекорд за овој традиционален коњички натпревар. Фестивалот започнува денеска, а кулминацијата ќе биде в петок, на последниот ден од трките.
Еден од позабележителните ликови на овој фестивал е Сер Алекс Фегусон, познатиот некогашен менаџер на Мначестер јунајтед, чија страст за тркачките коњи одамна е позната. Тој има три тркачки грла кои ќе се натпреваруваат на некои од повеќето трки на овој фестивал.
И продавачите на пиво тријат раце, затоа што се очекува да бидат испиени 220.000 чаши од марката „Гинис“.
Фестивалот Челтенхам е со традиција од 1860 година и се одржува секоја година. В петок ќе биде најважната трка, наречена Голд куп. Вкупниот награден фонд за оваа трка е 625.000 фунти, а победникот ќе добие 351.000 фунти.
Минатата година беше историска за Голд куп, затоа што првпат победи жена, џокејот Рејчел Блекмур, на грлото А Плу Тар.