
Објавени интерпелациите – Дамева и уште четворица „обвинети“ за недовербата кон целото судство
Со 67 потписи за поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева и со по пет потписи за останатите четворица членови на Судскиот совет избрани во Собранието, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН ги објавија и пратија интерпелациите за нивната работа за што ќе гласаат на почетокот на март. Извори од владејачкото мнозинство за „Слободен печат“ брифираат дека очекуваат интерпелациите да ги поддржат дури и поголем број на пратеници. Сите интерпелации се со иста содржина, но најмногу во нив се споменува токму Дамева, а за цела недоверба во правосудниот систем „обвинети“ се петмината.
Препорачано
Како што е образложено, интерпелациите се поднесуваат заради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата на граѓаните кон судството.
-Интерпелацијата за работата на членот на Судскиот совет на Република Северна Македонија се поднесува, заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина – се вели во објавена интерпелација.
Според она што го пишува во интерпелацијата, состојбата во Судскиот совет се продлабочила со изборот на Дамева за член на Судски совет, а потоа и за претседател на Советот. Во документот се споменува и незаконското разрешување на Дамева од страна на нејзиниот заменик, Селим Адеми, кој исто така се најде меѓу оние членови за кои е поднесена интерпелација.
-Ова е само доказ дека во Република Македонија не владееше правото и не се почитуваа Уставот и Законите, туку се почитуваа само наредби од политичките партии кои беа на власт од 2017 до 2024 година. Наместо уште во 2023 година целиот Судски совет да поднесе оставка, тие продолжија со нивните мандати со нарушен легитимитет, интегритет и углед на самите себе, судиите и судството во целина – се додава во интерпелацијата.
Се наведуваат и примери, меѓу кои е и најверојатно казнувањето од плата на судијата Енвер Беџети, кој се најде на црната листа на Стејт департментот за кого мнозинството членови на Советот изгласаа да му се намали платата за 20 проценти шест месеци.
Потоа наведени се примери и за други судии на кои му е изречена дисциплинска повреда.
-Иако Судскиот совет има мандат да постапува по случај на непрофесионално или неетичко однесување на судиите, Европската Унија има забележано дека во пракса има селективен пристап во дисциплинските постапки, што доведува до неказнивост на одредени прекршоци од страна на судиите. Во Извештаите на Европската Комисија, исто така, е забележано дека постојат и индикатори дека Советот не презел доволно активности за санкционирање на судии кои го нарушувале угледот на судиската функција – пишува во интерпелацијата.
Собранието веќе ги испрати интерпелациите до членовите и се очекува нивен одговор, во рок од десет дена. Седницата би требало да се одржи на крајот на месецов или на почетокот на март. Интерпелациите ќе бидат изгласани, но сепак членовите избрани во Собрание треба сами да одлучат дали ќе се повлечат.
Премиерот Христијан Мицкоски последно изјави дека пратениците треба да одлучат според своја волја, во интерес на државата и граѓаните.
– Очекувам членовите на Парламентот да гласаат онака како што мислат дека треба да гласаат во однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет кои што се нивна ингеренција, односно нивниот избор е под ингеренции на самиот Парламент. Постои основа за критичка дискусија и дебата, за доброто на државата и граѓаните пратениците треба да одлучат по сопствена волја – рече Мицкоски.
Правните експерти овој чекор на власта веќе го оценија како упад на извршната во судската власт.