Фото: Pexels

Објавена листата на топ 100 градови во светот за 2023: На врвот е популарна европска престолнина

Според годишниот извештај на глобалната компанија за истражување на пазарот „Еуромонитор интернејшанл“, од 100-те најдобри градови во светот, дури 63 се европски градови, пишува „Си-ен-ен“.

Како најатрактивен град во светот повторно е прогласена француската престолнина, Париз. Индексот на топ 100 градови за 2023 година, произведен во партнерство со компанијата за податоци „Лајтхаус“, ги разгледа водечките градови од целиот свет и ги рангираше според критериумите, вклучувајќи туризам, одржливост, економски перформанси и здравје и безбедност.

Париз / Фото: Pexels / Thorsten technoman

На врвот на листата владее Европа со седум од топ десет градови и вкупно 63 земји од 100-те најдобри. Единствените неевропски градови во топ 10 се Дубаи на второто место, Токио на четвртото место и Њујорк на осмото место.

Главниот град на Шпанија, Мадрид е на трето место, а потоа следуваат Амстердам, Берлин, Рим, Барселона и Лондон.

Градовите од Азија се во првите 20 градски дестинации. На листата се најдоа Сингапур на единаесетото место, Сеул на четиринаесетото, Осака на шестнаесетото место и Хонг Конг на седумнаесетото.

Дубави / Фото: Pexels / Timo Volz

Извештајот го припишува успехот на Европа на „брзата урбанизација и широкото усвојување на технологијата“, бидејќи патниците сега сакаат брз интернет, флексибилни опции за резервации и простори за работа на далечина.

„Подобрувањето на одржливоста, транспортните мрежи и социјалното влијание се некои од клучните цели што градовите ги прифаќаат денес за да ја зголемат конкурентноста, да ја подобрат својата туристичка понуда и да обезбедат беспрекорно патување на клиентите“, велат од компанијата.

Токио за првпат влезе во топ 10, а во извештајот се вели дека тоа се должи на подобрената туристичка инфраструктура, олеснувањето на регулативите поврзани со „ковид-19“ и ослабената валута, која на меѓународните посетители им нуди одлична вредност за парите.

Мадрид / Фото: Pecels / Alex Azabache

Меѓународните патувања продолжија да закрепнуваат, при што бројот на патувања се предвидува да достигне 1,3 милијарди до крајот на 2023 година – што ќе генерира околу 1,7 трилиони американски долари во глобалната туристичка потрошувачка.

Инаку, Истанбул е на врвот на листата по бројот на меѓународни пристигнувања во 2023 година, потоа е Лондон, а по него и Дубаи. Градовите со најголем раст од година во година се Хонг Конг и Бангкок, поради тоа што беа меѓу последните кои повторно беа отворени по пандемијата „ковид-19“.

Сингапур / Фото: Pexesl / Ingo Joseph

Сепак, зголемениот број на посетители може да биде „мешан благослов“ за овие градски дестинации, со негативни влијанија врз локалните заедници и животната средина.

„Некои дестинации наметнуваат ограничувања, нагло оданочување или намалување на капацитетот на хотелите за да помогнат да се ограничи приливот на туристи и да се зачува културното наследство, додека други прифаќаат стратегии за дисперзија кои промовираат алтернативни дестинации или дестинации кои не се вообичаени“, рече Надејда Попова, висок менаџер во компанијата.

Таа предвидува дека зголемените трошоци за живот, флуктуирачката инфлација и геополитичката нестабилност ќе бидат најголемите пречки кога станува збор за растот на туризмот во 2024 и 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот