Плоштад Имам Хусеин во Техеран, Иран,/EPA-EFE

Нуклеарната агенција на ОН за првпат по 20 години утврди дека Иран не ги почитува обврските

Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) утврди дека Иран не ги почитува своите нуклеарни обврски првпат по 20 години, што би можело да го отвори патот за повторно воведување на санкциите на Обединетите нации врз Техеран подоцна оваа година.

Иран веднаш остро реагираше на резолуцијата соопштувајќи дека ќе воспостави нов објект за збогатување на ураниум, кој, како што беше најавено, ќе биде „на безбедна локација“, пишува „Еуроњуз“.

„Исламската Република Иран нема друг избор освен да одговори на оваа политичка резолуција“, се наведува во заедничко соопштение на иранското Министерство за надворешни работи и Организацијата за атомска енергија на Иран.

Според некои дипломати, 19 земји-членки на Управниот одбор на МААЕ гласале за усвојување на резолуцијата. Русија, Кина и Буркина Фасо биле против, додека 11 земји се воздржале, а две не гласале.

Во нацрт-резолуцијата, комитетот повторно го повикува Иран да даде одговори „без одложување“ во рамките на повеќегодишната истрага за трагите од ураниум пронајдени на неколку локации што Техеран не ги прогласил за нуклеарни објекти.

Западните земји се сомневаат дека трагите од ураниум укажуваат на постоење на тајна иранска програма за развој на нуклеарно оружје до 2003 година.

Резолуцијата ја предложија Франција, Германија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.

Одлуката доаѓа во време на зголемени тензии во регионот. Еден ден претходно, американскиот Стејт департмент објави дека повлекува дел од основниот персонал од Блискиот Исток поради безбедносната ситуација.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Вашингтон или Израел би можеле да извршат воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран доколку преговорите не успеат.

САД и Иран моментално преговараат за брзо напредната нуклеарна програма на Техеран. Министерот за надворешни работи на Оман изјави дека шестата рунда преговори ќе се одржи во недела во неговата земја.

Нацрт-резолуцијата на МААЕ, исто така, содржи директна референца на преговорите меѓу САД и Иран, нагласувајќи „поддршка за дипломатско решение на проблемите предизвикани од нуклеарната програма на Иран, вклучувајќи разговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, со цел постигнување договор што би ги решил сите меѓународни прашања поврзани со нуклеарните активности на Иран, и ги охрабрува сите страни конструктивно да учествуваат во дијалогот“.

Иранското Министерство за надворешни работи и Организацијата за атомска енергија на Иран остро ја осудија резолуцијата усвоена од Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со која формално се обвинува Иран за кршење на своите обврски за неширење на неговата нуклеарна програма, првпат по речиси 20 години.

Во заедничката изјава се истакнува дека Иран нема друг избор освен да одговори на таа политичка резолуција со воспоставување нов центар за збогатување ураниум на безбедна локација, врз основа на наредбата на шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран, како и со замена на центрифугите од прва генерација во објектот за збогатување ураниум во Фордов со напредни центрифуги од шеста генерација.

Иран остро ја осуди резолуцијата на МААЕ во која Техеран се обвинува за кршење на своите обврски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот