Новинари / фото: МИА

Новинарски здруженија: Владата со народни пари фаворизира одредени приватни медиуми

Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска е во Рим во работна посета во рамки на одбележувањето на 24ти мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Во рамки на посетата, присутни се новинари и медиумски работници на неколку медиуми за да известуваат за настанот.

„За изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети“, велат во заедничко соопштение Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ).

„Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба“, велат од новинарските здруженија.

„Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните. Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи. Оваа практика на Владата ја спроведе и Собранието, кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи“, се вели во соопштението.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ најавуваат дека за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!