ФОТО/ВИДЕО: Новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Бурнс ја доби втората награда на ЕУ за истражувачко новинарство

Новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Бурнс, денеска во Тирана ја доби втората награда за истражувачко новинарство на Европската унија за Западен Балкан и Турција. Бурнс е наградена за серијалот текстови и медиумски содржини во врска со Јалдз Веапоска, медицинска сестра од Дебар која во струшката болница отиде да се породи со царски рез, но оттаму излезе без три здрави органи: матка, бубрег и јајник.

Првата награда ја доби новинарката Ирена Каревска од „360 степени“ за сторијата за набавката на софтвер од страна на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Екипата на „Код“ (Снежана Лупевска Созен, Миомир Серафиновиќ, Билјана Николовска и Емилија Мисирлиевски) ја доби третата награда за своето истражување за сообраќајки со смртни последици за кои сторителите добиваат само условни, а не и затворски казни.

Бурнс во повеќе наврати екстензивно, конзистентно и упорно известуваше за случајот, а сторијата предизвика исклучително внимание во јавноста и предизвика да биде затворена дивата ординација која што во својот дом ја имал гинекологот што ја изврши операцијата, а кој во тоа време беше и директор на струшката Општа болница, доктор Мухамед Асани. По неколкумесечен притисок, доктор Асани беше сменет и од директорската позиција во струшката болница.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат по извршениот надзор утврди дека Асани немал дозвола за ординацијата која ја имал во просториите на семејната куќа и издаде забрана за нејзино функционирање, а десетина жени на нотар дадоа изјави дека Асани во ординација лоцирана кај него дома, им ја следел бременоста. Доктор Асани, според сведочењето на Веапоска за „Слободен печат“, најнапред во својот дом, каде подоцна се покажа дека имал нерегистрирана ординација, ја водел нејзината бременост, а потоа и ја оперирал со царски рез во струшката државна болница каде бил и директор. Рутинската интервенција заврши со тешки компликации кои ѝ го загрозија животот на Веапоска.

Судот во Струга на петти декември се очекува да го започне судењето против Асани и други двајца лекари од струшката болница, кои според обвинителниот предлог, се товарат за тешки дела против здравјето според член 207, став 1 и 3 од Кривичниот Законик, зашто при укажувањето на лекарската помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување.

Вештаци од судска медицина, според документот кој го поседува нашата редакција, констатирале дека влошувањето на здравствената состојба кај Веапоска до степен да биде загрозен нејзиниот живот, настанало заради оштетување на левата бубрежна артерија при изведување на царскиот рез. Основен проблем и пропуст во лекувањето на Веапоска е непреземањето никакви мерки да се открие од каде крвави и која е причината за крвозагубата, пишува во вештачењето од судска медицина.

Наградите за истражувачко новинарство на Европската Унија во земјите од Западен Балкан имаат за цел да промовираат и да поддржат исклучителни постигнувања на истражувачките новинари како и да помогнат квалитетното новинарство да биде повидливо. Доделувањето на наградите е спонзорирано од ЕУ, а имплементирано од БИРН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!