Александар Вучиќ / фото: КРИК

Новинарка му постави незгодно прашање за брат му, Вучиќ ја праша колку пари зела од УСАИД

Новинарка на српската истражувачка мрежа КРИК денеска му постави на српскиот претседател Александар Вучиќ прашања во врска со наодите на овој портал поврзани со братот на Вучиќ, Андреј, чие име се споменува во преписки меѓу криминалци на апликацијата за приватна комуникација „Скај“.

Како што неодамна објави КРИК, Андреј Вучиќ се споменува во разговори меѓу бизнисмен близок до владејачката Српска напредна странка (СНС) и близок соработник на наркобосот Дарко Шариќ. Според разговорите, братот на српскиот претседател бил главниот кој се прашува околу поделбата на атрактивни државни работни места во Нови Сад, но и околу изборот на првите луѓе во српската полиција.

Новинарката на КРИК денеска го праша Вучиќ за преписката, а наместо одговор, од претседателот доби прашање за тоа колку пари добила од американската Агенција за меѓународна помош (УСАИД) и од НЕД (Националната задужбина за демократија, двопартиска организација која се финансира од Конгресот).

Вучиќ рече дека наводите дека неговиот брат тргувал со влијание „ги измислиле, како и сè друго“.

„Се разбира, тој нема никаква јавна функција, тој не знае кој е кој во полицијата до ден-денес, но ме интересира да одговорите на прашањето колку пари добивте од УСАИД, колку од НЕД?, ја праша Вучиќ новинарката.

Откако таа го потсети дека треба да одговори на прашањето, Вучиќ рече дека одговорил и дека тоа е „ноторна лага“.

„Андреј никогаш не се мешал во такви работи, ниту ќе се меша додека е жив“, рече претседателот.

Како одговор на нејзиниот коментар дека има пораки кои кажуваат поинаку, Вучиќ рече дека други луѓе зборуваат за неговиот брат и дека тоа не се негови пораки. Откако го праша што бара Андреј Вучиќ во преписката на криминалецот и сомнителниот бизнисмен, српскиот претседател рече дека не знае и дека „тоа можел секој да го напише“.

„Па, не знам, многу луѓе пишуваат во тие преписки дека јас им кажав дека ќе скокнам овде од видиковецот на Смиловица, а уште не сум скокнал. Тоа е доволно за да знаете. Но, она што го имате се јасни докази, толку пари сте добиле од криминални организации“, рече Вучиќ говорејќи за УСАИД и НЕД, официјалните агенции за надворешна државна помош на САД, повикувајќи се на наводите и терминологијата што за овие агенции ги употребил советникот на Доналд Трамп, милијардерот Илон Маск.

Пораките за кои објави КРИК покажуваат дека во Нови Сад имало борба на две спротивставени струи во владејачката партија и дека двете се бореле за наклонетоста на братот на Вучиќ, за кого соговорниците зборуваат како за многу моќна фигура во круговите на власта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот