Протест во Подгорица против предлогот за гласање доверба на владата / фото: Анадолу (АА)/Твитер

Нови протести против формирањето малцинска влада во Црна Гора, учествуваат и министри

Политичката криза во Црна Гора не се смирува, а вечерва на улиците на Подгорица и Беране се собраа илјадници граѓани кои протестираат поради најавата на вицепремиерот Дритан Абазовиќ за гласање недоверба на актуелната влада.

На почетокот на протестот, прочитан е проглас во кој се изразува поддршка за владата од страна на 41 пратеник, колку што изнесува мнозинството на актуелната власт, формирана во август 2020 година.

„Сакаме влада по мерка на 41 пратеник. Ја браниме волјата на народот, малцинските влади се неприфатливи. Ова не се политички протести, но добредојдени се луѓе од сите политички уверувања. Добредојдени се сите кои се против ДПС и нејзините сателити. Зад овој протест не стои ниту една политичка партија, но се повикуваат сите кои се против ДПС, да се приклучат“, се вели во прогласот.

На насобраните граѓани вечерва им се придружија министерот за финансии и социјална грижа Милојко Спајиќ, министерот за економски развој Јаков Милатовиќ, за екологија, просторно планирање и урбанизам, Ратко Митровиќ, како и министерката за образование, наука, култура и спорт, Весна Братиќ.

Граѓаните се прошетаа до Парламентот на Црна Гора, па се вратија кон Владата, каде постепено се разотидоа.

Парламентот на 3 февруари ќе расправа за предлогот на премиерот Здравко Кривокапиќ за разрешување на неговиот потпретседател, Дритан Абазовиќ. На следната седница, закажана за 4 февруари, на дневен ред е точката за Одлуката за скратување на мандатот на Парламентот. На трета седница, закажана за истиот ден, треба да се разгледува предлогот за гласање доверба на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот