
Нова, ултранационалистичка партија се подготвува во Србија, и „Фирер“ е меѓу основачите
За понеделник во Белград е најавено формирање на новата Партија на српските националисти, а на конференцијата како говорници се најавени лидерите на некои од десничарските движења, но и на организации кои се забранети во Србија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако во најавата за настанот не е прецизирано дали сите ќе бидат членови на новата партија, на листата на говорници се и претседателот на Српска десница, Миша Вациќ, лидерот на организацијата „Левијатан“, Павле Бихали, лидерот на забранетата организација „Национални строј“ Горан Давидовиќ, познат под прекарот „Фирер“, како и Роберт Бараќ, кој не ѝ е познат на пошироката јавност, пишува Бета.
Од крајот на 2023 година, Вациќ е на „црната листа“ на американското Министерство за финансии поради „злонамерни активности во корист на Русија“. Тој има изјавено дека му е чест што се наоѓа на таа листа. Вациќ беше кандидат за претседател на Србија во 2022 година, кога освои најмалку гласови од осумтемина кандидати.
Кога станува збор за организацијата „Левијатан“, во јули 2023 година Јавното обвинителство на Србија побара нејзина забрана поради загрозување на малцинските и човековите права, активности насочени кон ширење расна, верска и национална омраза, како и активности како паравоена организација, и покрај тоа што организацијата е формално ангажирана на полето на заштитата на животните.
На пошироката јавност членовите на „Левијатан“ станаа познати поради нивниот однос кон мигрантите, ЛБГТ-популацијата и малтретирањето на Роми поради наводна злоупотреба на животни. Организацијата учествуваше на парламентарните избори во 2020 година, кога освои околу 22.500 гласови (0,7 отсто), како и во 2022 година на малцинската листа на Руската унија на малцинства, која освои уште помалку гласови.
Бихали неодамна призна дека стои зад новоформираната организација „Фортис“, која „лови“ педофили, лажно претставувајќи се како малолетни девојчиња на социјалните мрежи, по што наводните педофили се принудуваат јавно да се исповедаат пред камери.
Горан Давидовиќ во Србија е познат како „Фирер“, а своевремено помина 11 години надвор од државата поради пресуда за нападот на учесниците на антифашистичкиот марш во Нови Сад во 2007 година, што не беше единствен случај на судир меѓу неговата организација и антифашистичките здруженија.
Организацијата „Национален строј“, обвинета за неонацизам никогаш не беше официјално регистрирана во Србија, но и покрај тоа беше забранета во 2011 година, кога судот наведе дека оваа форма на здружување е забранета со Уставот на Србија. Таа организација како свој грб го користеше грбот на Србија од времето на германската окупација во Втората светска војна, кога земјата била управувана од квислиншката власт на Милан Недиќ.