
Нова студија открива: Гените кои ја зголемуваат плодноста го скратуваат животниот век на човекот
Една од загатките на еволуцијата е причината зошто старееме кога веќе не можеме да се репродуцираме. Сега, научниците веруваат дека стареењето всушност може да биде последица на тоа како сме еволуирале за да се репродуцираме, а сето тоа е резултат на природната селекција во текот на милиони години, пишува „Дојчевеле“.
Препорачано
Новата студија која ги анализирала гените на 276.406 учесници од Велика Британија покажа дека луѓето кои носат генски варијанси кои промовираат репродукција имаат помали шанси да преживеат до поодмината старост.
„Ја потврдуваме хипотезата наречена хипотеза за антагонистичка плејотропија, која вели дека мутациите што ја поттикнуваат репродукцијата имаат поголема веројатност да го намалат животниот век“, рече Џианжи Џанг, од Универзитетот во Мичиген во САД и автор на студијата во списанието „Саенс“.
Според истражувањето, луѓето кои носат генетски варијанси кои промовираат репродукција имале речиси петпати поголема веројатност од другите да умрат до 76-годишна возраст.
Студијата исто така покажува дека генетските варијанси кои ја поттикнуваат репродукцијата се зголемувале со генерации од 1940 до 1969 година, што значи дека луѓето сè уште се развиваат и ја зајакнуваат оваа особина.
„Ова покажува дека еволутивниот модел на висока репродукција и ниско преживување [и обратно] е сè уште видлив кај современите луѓе. Нашите генски варијанти се производ на стотици илјади години еволуција. Она што изненадува е дека и покрај нашето многу подобро здравје од било кога порано, овој модел е сè уште видлив“, рече Стивен Аустад, експерт за истражување на стареење на Универзитетот во Алабама во Бирмингем, САД, кој не беше вклучен во студијата.
Научниците веќе некое време се збунети околу еволутивното потекло на стареењето. Не е јасно зошто, од еволутивна перспектива, нашите репродуктивни перформанси опаѓаат со возраста.
А, идејата дека генски варијанси на плодноста го скратуваат животниот век може да изгледа како парадокс, со оглед на тоа колку подолго живеат луѓето во современиот свет.