
Нова епидемија на ебола во ДР Конго, започна и вакцинација
Вакцинацијата за спречување на новата епидемија на ебола, која беше прогласена на почетокот на овој месец во Демократска Република Конго и го зафаќа централниот дел од огромната африканска земја, особено покраината Касаи, започна, објави во неделата СЗО.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вирусот ебола останува особено смртоносен, и покрај вакцините и третманите што се развиени во последните години. Во текот на изминатите 50 години, се проценува дека оваа хеморагична треска убила 15.000 луѓе во Африка. Најсмртоносната епидемија беснееше од 2018 до 2020 година, кога починаа речиси 2.300 луѓе од вкупно 3.500 случаи.
Според здравствените власти на Демократска Република Конго, регистрирани се 28 смртни случаи од вкупно 81 случај откако првиот случај беше потврден на 20 август, кај 34-годишна бремена жена која беше примена во болница. Стапката на смртност се проценува на 34,6%.
Во претходните епидемии, оваа стапка се движеше помеѓу 25% и 90%, според Светската здравствена организација (СЗО).
„Првата серија од 400 дози од вакцината против ебола Ервебо – од националните залихи од 2.000 дози складирани како мерка на претпазливост во главниот град Киншаса – е доставена во Булап, еден од сегашните епицентри на епидемијата“, забележа СЗО.
Сегашната епидемија е предизвикана од заирскиот сој на вирусот. Не постои вакцина за сите шест соеви, од кои три (Будибуџо, Судан, Заир) предизвикаа големи епидемии.
Се очекува повеќе дози вакцина да стигнат до погодените заедници во наредните денови, додаде СЗО. Приоритет за вакцинација се здравствените работници на првата линија и на секој што дошол во контакт со заразени лица.
Меѓународната група за координација на вакцини (IGC), која управува со глобалните залихи на вакцини, вклучувајќи неколку за ебола, одобри испорака на околу 45.000 дополнителни дози во Демократска Република Конго, според СЗО, која проценува дека ризикот што го претставува новата епидемија е висок за земјата, но умерен на регионално ниво.
Околу педесет научници од СЗО се распоредени во регионот, заедно со експерти од земјата.
Еболата за прв пат е идентификувана во 1976 година во Заир, како што тогаш се нарекуваше Демократска Република Конго.
Еболата се шири од човек на човек преку телесни течности. Главните симптоми се висока температура, повраќање, крварење и дијареја. Заразените лица генерално не се заразни сè додека не се појават симптомите, по период на инкубација од 2 до 21 ден.