Фото: МИА

Нов закон: Азилантите кои во Велика Британија ќе пристигнат со мали чамци ќе бидат депортирани

Британската Влада денеска објави детали од новиот закон со кој на барателите на азил им се забранува влез во земјата со помош на мали чамци.

Според новиот закон, секој што ќе пристигне со мали чамци нема да може да бара азил и ќе биде депортиран во таканаречените безбедни трети земји, објави Скај Њуз.

Мерката ја осудија хуманитарни организации кои им помагаат на бегалците, тврдејќи дека може да криминализира илјадници бегалци.

Премиерот Риши Сунак го нарече запирање на пристигнувањето на бродови како еден од петте клучни приоритети на неговата влада, откако бројот на мигранти кои пристигнаа на јужниот брег на Англија минатата година се искачи на повеќе од 45.000, а околу 90 отсто побараа азил.

„Тие нема да престанат да доаѓаат овде додека светот не дознае дека ако нелегално влезете во Британија, ќе бидете притворени и брзо вратени назад. Овој закон дозволува илегалците да бидат притворени без кауција или судска ревизија во првите 28 дена од притворот до нивното заминување“, изјави британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман.

Добротворната организација Совет за бегалци соопшти дека десетици илјади вистински бегалци на кои претходно им бил одобрен азил ќе бидат „затворени како криминалци“, што ќе ги „урниса“ обврските на Велика Британија согласно Конвенцијата на ОН за бегалци, додека Браверман тврди дека законот е компатибилен со меѓународните обврски.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон минатата година договори испраќање на десетици илјади мигранти во Руанда, која е оддалечена повеќе од 6.400 километри од Британија, а Европскиот суд за човекови права ја блокираше депортацијата непосредно пред да полета првиот авион со бегалци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот