
Нов буџет на ЕУ: Повеќе за тенкови, помалку за путер
Европската комисија го претстави нацрт-буџетот на ЕУ за 2028-2034 година, во кој се планира значително намалување на средствата за заедничката земјоделска политика – од сегашните 386,6 милијарди евра на 300 милијарди.
Препорачано
Оваа најава од Брисел предизвика бран на негодување кај земјоделците и организациите низ цела Европа, кои протестираа во Брисел поради директното влијание врз иднината на семејните фарми и руралните заедници.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, негираше дека станува збор за повлекување на средства од земјоделците, нагласувајќи дека средствата за рурален развој и други програми се сè уште достапни, но под различни буџетски линии.
Ова објаснување не ги смири земјоделците во Европа. Тие тврдат дека најавените намалувања од повеќе од 20 проценти, без да се вклучи инфлацијата и зголемените трошоци за производство, претставуваат сериозна закана за опстанокот на европското земјоделство.
Околу 500 претставници на земјоделски синдикати и организации од Белгија, Франција, Италија, Шпанија, Грција, Австрија, Ирска, Полска и други земји се собраа во Брисел на протести што започнаа на плоштадот Луксембург и завршија пред зградата на Европската комисија. Демонстрантите оставија десетици пара работни чизми на влезот во зградата на Комисијата, велејќи дека земјоделството не може да се води без стабилна и предвидлива финансиска поддршка.
Од друга страна, Европската Унија предложи да се издвојат до 100 милијарди евра за Украина, надвор од повеќегодишната финансиска рамка, за периодот 2028-2034 година, изјави европскиот комесар за буџет, Пјотр Серафин.
„Сакаме да издвоиме до 100 милијарди евра, надвор од плафонот на финансиската рамка, за Украина, нашиот најстратешки партнер“, рече Серафин во Европскиот парламент во Брисел.
Според него, ова е долгорочна посветеност на закрепнувањето и реконструкцијата на Украина.
„Победник од новиот буџетски план на Европската комисија е Украина, поради количината на пари доделени на Киев, а губитници се европските граѓани“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Ова би можело особено силно да ги погоди земјоделците. „Унгарските земјоделци, заедно со нивните европски колеги, би можеле да добијат многу помалку субвенции во иднина“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека „во Брисел владее хаос“ поради новиот предлог за буџет од Европската комисија, кој ги изненади сите, нагласувајќи дека „ситуацијата е драматична“, пренесува МТИ.
Германската федерална влада го отфрли нацрт-законот за буџетот на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година, презентиран од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој предвидува издвојување од околу два трилиони евра за тој седумгодишен период, објави „Шпигел“.
„Значително зголемување на буџетот на ЕУ е неприфатливо во време кога земјите-членки вложуваат значителни напори за консолидирање на своите национални буџети“, изјави портпаролот на владата, Стефан Корнелиус.