
Нотарите се бунат, бараат да ги поскапат услугите – дел од цените им биле исти 27 години
Нотарите бараат зголемување на цените на дел од нивните услуги, кои, како што велат, не се променети повеќе од 25 години. Методија Ристовски од Комората на нотари дава пример за потврдување на приватен документ за солемнизација во вредност од 500.000 денари – за што, според него, адвокатот добива 3.900 денари, а нотарот само 2.000 денари.
Препорачано
Тој се жали и за јавните услуги како заверка на сметки за вода, струја итн. Според Комората, за фактура од 3.000 денари, нотарот зема 300 денари, а адвокатот 1.300 + ДДВ.
Како дел од проблемот, нотарите ги посочуваат законските измени со кои се укина коефициентот за нотари по глава на жител и бараат да се врати како што беше претходно: да има најмалку по еден од нив на 20.000 граѓани.
Ристоски рече дека во изминатите 27 години наградите за нотарски услуги останале непроменети или намалени, и покрај растот на животните трошоци. Наградата за заверка на потпис, извод, превод или препис повеќе од две децении се наплатува 100 денари – сума што не ја одразува реалната цена на трудот и услугата, тврди тој.
„Ние како нотари сме во служба на повеќе државни институции и постапуваме во име на граѓаните без да имаме право ниту на соодветен надомест, ниту на покривање на реалните материјални трошоци. Неминовно е да има измени во дел од тарифата, не на целата, од причина што во континуитет растат сите трошоци за живот, расте инфлацијата, платите на вработените, режиските трошоци“, рече Ристоски, додавајќи дека во јавноста се создавала погрешна слика за нивните приходи, бидејќи преку нивните сметки се слеваат средства за други институции.