
„Њујорк тајмс“: Европа гради нови одбранбени сојузи поради несигурноста од САД
Европските сојузници на Вашингтон започнаа да градат паралелни дипломатски и одбранбени институции, подготвувајќи се за можно сценарио во кое САД повеќе нема да бидат главен столб на економската и воената безбедност на Стариот континент, пишува „Њујорк тајмс“.
Препорачано
Весникот наведува дека лидерите на Велика Британија, Франција и Германија ги оставиле настрана разликите и започнале тесна соработка. Тие граделе нови одбранбени партнерства и внимателно ги следеле сигналите од Вашингтон. Во изминатите шест месеци, американскиот претседател Доналд Трамп сериозно го потресол деценискиот трансатлантски сојуз, наведува „Њујорк тајмс“.
Како што пренесува весникот, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер во мај го посетиле Киев, а потоа се согласиле да ја продлабочат соработката во областа на нуклеарното одвраќање. Лондон и Берлин на 17 јули потпишале договор за економска и одбранбена соработка. Оваа блиска соработка веќе добива неформално име – „триаголен сојуз“.
Европските претставници кои разговарале за „Њујорк тајмс“ истакнуваат дека новите институции не треба да ги заменат постојните структури како НАТО или Г7, туку да ги надополнат. Сепак, тие предупредуваат дека НАТО станала „фрагментирана одбранбена бирократија“ со 32 земји-членки меѓу кои има несогласувања. Токму затоа Германија, Франција и Велика Британија сакаат пофлексибилна група, способна за побрзи и поефикасни одговори на новите предизвици.
Во приватни разговори, германски претставници за весникот коментираат дека „моментално, најразумната стратегија е зголемување на воените трошоци и зајакнување на европското партнерство“.