
Ниту еден динар данок на сто милиони евра добивка од коцкарските игри во Србија!
Србија е Елдорадо за коцкари и обложувачи бидејќи не се плаќа данок на добивки. Апсолутно никаков. Ако работите во Србија, ќе плаќате данок на доход. Ако се коцкате или се обложувате, нема да плаќате ниту еден динар за тој приход.
Препорачано
И тоа е сосема легално, бидејќи српското законодавство вели дека сите добивки остварени во игри на среќа до износ од 143.872 динари, или околу 1.200 евра, се ослободени од данок. А оние остварени во казина, обложувалници или на покер машини се целосно неоданочени.
Теоретски, кој ќе освои 100 милиони евра, носи дома 100 милиони евра, пишува списанието „Бизнис и финансии“. Како е тоа можно?
Оданочувањето на личниот доход од игри на среќа е регулирано со Законот за данок на доход на граѓаните и предвидува обврска за плаќање данок од 20 проценти за сите добивки над споменатиот неоданочлив износ.
Сепак, Законот за игри на среќа наведува дека ова важи само за класичните игри на среќа на Српската државна лотарија. Тоа се лотаријата, спортската прогноза, лотото, томболата, бингото и слични игри, пренесува Нова.рс.
Специјалните игри на среќа организирани од приватни коцкарници, казина и обложувалници се целосно ослободени од обврската за плаќање данок на доход, без оглед на износот на добивките.
Експертот во оваа област, Марко Паштар, адвокат кој главно се занимава со даночно право, вели дека неодамна ја анализирал оваа тема за потребите на својата научна работа и дека бил многу изненаден колку малку јавноста знае за овие податоци.
Заклучокот на Паштар укажува дека нашето даночно законодавство директно го поттикнува коцкањето.
„Србија е специфична во тој поглед. Не сум ја обработил цела Европа, но никаде не сум нашол дека овој приход не е оданочен барем во одреден износ“, наведува тој.
Верувале или не, Република Српска има највисоки даноци. Неоданочливиот износ е 1.000 КМ (околу 500 евра), по што ќе се примени прогресивна скала од 10 до 30 проценти. Колку е поголема добивката, толку е поголем данокот.
Во Федерацијата на Босна и Херцеговина, сите добивки над 100 КМ подлежат на данок од 10 проценти.
Во Хрватска, слично како и во РС, постои прогресивна стапка за износи поголеми од 100 евра, но собраните даноци се сепак пониски бидејќи пресметката е поповолна за добитникот.
Македонија ги оданочува добивките по стапка од 15 проценти со условно признавање на неоданочлив дел од 80 евра, само ако добивките се до тој износ.
Доколку се повисоки, данок се плаќа на целиот износ. Словенците признаваат добивка до 300 евра без данок, а потоа ја наплаќаат по 15 проценти, Романците немаат ослободен дел од данок и данокот е прогресивен од три до 40 проценти, како што расте добивката. Оваа година, Црна Гора воведе обврска за плаќање данок на приход од игри на среќа во износ од 15 проценти за износи поголеми од 300 евра.