Фото: amer ghazzal / Alamy / Alamy / Profimedia

„Нирвана“ повторно го доби спорот околу култниот омот на албумот на кој е фотографирано голо бебе

Спенсер Елден, човекот кој беше фотографиран како четиримесечно бебе за култниот омот на албумот „Nevermind“ на „Нирвана“, го изгуби судскиот спор во кој го тужеше бендор за дистрибуција на детска порнографија, објави Би-би-си.

Елден беше фотографиран како плива под вода во 1991 година, а фотографијата стана една од најпрепознатливите омоти во музичката историја. Во својата тужба против рок-бендот и фотографот Кирк Ведл, тој тврдеше дека станува збор за сексуална експлоатација. Сепак, судијата пресуди дека „ниту позата, ниту фокусната точка, ниту местото, ниту општиот контекст не сугерираат дека омотот на албумот прикажува сексуално експлицитно однесување“.

Судијата ја спореди фотографијата со семејна фотографија од дете кое се бања, велејќи дека е „очигледно недоволна за да се поткрепи наодот“ за детска порнографија.

„Голотијата мора да биде поврзана со други околности што го прават визуелниот приказ непристоен или сексуално провокативен“, напиша судијата Фернандо Олгин, повикувајќи се на претходна пресуда.

Долготрајна правна битка

Елден првпат поднесе тужба во 2021 година, тврдејќи дека неговиот идентитет и име се „засекогаш поврзани со комерцијалната сексуална експлоатација што ја доживеал како малолетник“.

Окружниот судија на САД, Фернандо Олгин, ја отфрли во 2022 година врз основа на тоа дека случајот е застарен, но апелациониот суд ја поништи таа одлука и му дозволи на Елден повторно да ја поднесе тужбата.

Во новата пресуда, судијата ги зеде предвид и фактори како што се присуството на родителите на Елден на фотосесијата, фактот дека фотографот бил семеен пријател и дека Елден претходно „прифатил и профитирал финансиски од тоа што бил прикажан на насловната страница на албумот“.

Реакции на пресудата

Адвокатот на Нирвана рече: „Воодушевени сме што судот го заврши овој неоснован случај и ги ослободи нашите креативни клиенти од стигмата на лажните обвинувања“.

Од друга страна, правниот тим на Спенсер Елден изјави за Ролинг Стоун дека „со почит не се согласуваат“ со одлуката и најавија жалба.

„Додека индустријата за забава го става профитот пред приватноста, согласноста и достоинството на детството, ние ќе продолжиме со нашата потрага по свест и одговорност“, рече Џејмс Р. Марш од адвокатските канцеларии „Марш“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот