
Никој не е виновен, а граѓаните вратија 2,2 милиони евра во Брисел
Истрагата на ОЛАФ утврди дека поранешни вработени во Националната агенција, кои станаа консултанти, се стекнаа со доверливи податоци од надворешни евалуатори, како и информации во кои детално се наведени имињата, контактите и ПИК-броевите на корисниците на „Еразмус плус“. Наместо да се гонат организаторите, полесно е јас да бидам осудена, ни рече Лидија Димова, единствената обвинета во случајот
Над 2,2 милиони евра, злоупотребени пари преку разработена криминална шема за програмата „Еразмус плус“, веќе одамна се легнати на сметките на европските фондови, но досега нема ниту еден обвинет, а уште помалку осуден за кривичната пријава поднесена во далечната 2019 година во која се тврди дека парите, наместо за унапредување во образованието завршувале во нечии џебови.
Препорачано
Иако и ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами детектираше дека парите за проектите се злоупотребувале за лична корист, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе пет години го докажува криминалот.
„По наредба на јавен обвинител од ОЈО ГОКК постапува Управата за финансиска полиција, обезбедена е документација за поголемиот дел од вкупно 23 проекти и истата во моментот се анализира. Истражителите од Управата за финансиска полиција се во редовна континуирана комуникација и консултација со предметниот јавен обвинител со цел добивање насоки за преземање дополнителни мерки и активности што се неопходни за расветлување на случајот“, одговорија од Обвинителството на прашањето на „Слободен печат“ во врска со овој случај.
Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ потврдуваа дека парите биле вратени во ЕУ, откако биле обезбедени преку ребалансот на буџетот во изминатата година.
– Со ребалансот на буџетот во 2024 година обезбедени се и исплатени средства кон Европската комисија на име финансиска корекција. Преку Министерството за финансии, средствата се префрлени на Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на ЕК – велат од МОН.
Од оскудниот одговор што го добивме од Владата, може да се сфати дека парите биле префрлени на корисници на грантови во 2024 година, а потоа се надополнети од буџетот.
– Европската комисија побарала финансиска корекција во износ од 2.276.212 евра. Од нив, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има исплатено 176.212 евра од сопствена сметка, а 2.100.000 евра од буџетската сметка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност кон корисници на грантови во 2024 година. Исплатите се извршени навремено, без камати и пенали – велат од Владата за „Слободен печат“. Истите одговори ги добивме и од Министерството за финансии и од Националната агенција.
Димова е единствена обвинета
Иако од почетокот на формирањето на Агенцијата се зборува злоупотребени европски пари, поранешната директорка на Агенцијата, Лидија Димова, засега останува единствената обвинета од сите претходни раководители на Агенцијата. По неколку години судење и медиумски линч, Димова чека на 18 септември конечно да ја слушне пресудата, а во своите завршни зборови од судијката побара правда, а не право.
– Доказите се јасни. Извештајот на ОЛАФ потврдува дека злоупотребените 2,2 милиони евра беа вратени и притоа идентификува поранешни вработени на Националната агенција кои добивале доверливи податоци за корисниците. Истрагата на ОЛАФ утврди дека поранешни вработени во Националната агенција, кои станаа консултанти, се стекнаа со доверливи податоци од надворешни евалуатори, како и информации во кои детално се наведени имињата, контактите и ПИК-броевите на корисниците на „Еразмус плус“. Брисел ги истражи случаите и јасно ги посочи носителите на шемите. Токму истите шеми и истите службени лица овде беа прикажани како „добра практика“. Наместо да се гонат организаторите што предизвикаа реална штета од 2,2 милиони евра, полесно е јас да бидам осудена. Но, пораката што се испраќа до идните укажувачи е „Не пријавувај корупција за да не настрадаш“ – рече Димова во завршните зборови.
Нејзиното име се најде неодамна и во партиските препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па Димова за себе вели дека станала боксерска вреќа на партиите.
– СДСМ мораше да ја казни мојата непослушност зашто се спротивставив на партиското раководство кое бараше да ја повлечам кривичната пријава и да го исплатам другарот на Нола Исмајлоска, инаку првопријавен во кривичната пријава за злоупотребата на 2,2 милиони од „Еразмус плус“ што државата ги врати лани. А ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, ме искористи како жртвено јагне за да го одвлече вниманието од нивната сопствена улога во оваа измама – порача Димова.
Афери за магариња, за фризери, за Фрчковски…
Таа додава дека Агенцијата во нејзино време ниту финансирала тренинг на магариња, не одобрила грантови за фризерница, Фрчковски не добил пари, братот на пратеникот на СДСМ не се офајдил од „Еразмус плус“, а ниту сопственикот на фризерницата некогаш бил член на СДСМ.
Димова се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Според Обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи. По аферата во која таа беше на централното место, Димова обелодени дека тогашниот премиер Зоран Заев, во присуство на Исмајлоска, која беше една од одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на уставното име, побарал да се повлече пријавата за злоупотребените пари, разработена шема на чие чело бил поранешен директор на Агенцијата.
Во 2007 година беше основана Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, под капата на Министерството за образование, на чие чело седна Бошко Нелкоски од Струга, тогашен член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Целта на Националната агенција беше да се добиваат европски грантови за младински проекти во Македонија, а парите се наменети за проекти кои ќе го унапредат невладиниот сектор и граѓанската иницијативност, но и за програми со кои младите ќе учествуваат во студентски размени и престој во странство. Тоа за две години заврши со скандал, во кој директорот и целиот Управен одбор беа разрешени поради злоупотреби, непотизам и селективно делење европски пари на невладините организации блиски до ДПМНЕ, во кои биле активирани млади луѓе од партиската Унија на млади сили. Но, за Нелкоски никогаш не беше покренато обвинение.