Никица Мојсоска Блажевска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Никица Мојсоска Блажевска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Никица Мојсоска-Блажевски: Најголемите проблеми со кои се соочуваат инвеститорите се во општините

Општините може да имаат повеќе ингеренции, но кога ќе ги зголемат своите капацитети, вели Никица Мојсоска-Блажевски. Таа предупредува дека сме загубиле многу инвеститори поради регулативата, нејзината примена и администрацијата.

Општините треба да се фатат за сериозна работа, да донесат урбанистички планови, да се ангажираат во собирање данок на имот, да престанат со експанзијата на градежните дозволи и да бидат проактивни кон инвеститорите, порачува во предизборието професорката Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор на „Македонија 2025“, непрофитна и невладина организација. Таа вели дека не очекува еден период на забавена економска активност, но истовремено смета дека во идниот период може да се оствари посакуваната стапка на економски раст од 5 проценти, која е неопходна за наше приближување кон економиите во регионот.

 

– Изборите беа распишани на 9 август, и најмалку 70 дена се наоѓаме во фаза на избори, така што во тој период не работи законодавната власт, не може да се распишуваат или да се носат одлуки за јавни набавки. Меѓутоа, доколку планирањето било направено навреме, особено за поголемите инфраструктурни проекти, не може да кажеме дека ќе има некој застој во работите. Тие проекти си продолжуваат – вели Мојсоска-Блажевски.

Таа вели дека припадниците на дијаспората, па и другите странски инвеститори, најчесто укажуваат дека проблемите или предизвиците се токму на локално ниво.

– Најголем проблем е околу земјиштето, негово уредување, околу имотно-правните односи. Дајте да ги средиме урбанистичките плановите, па дури потоа да зборуваме со инвеститори, да не даваме празни ветувања што потоа не можеме да ги оствариме, така само ги одвлекуваме инвеститорите. Вториот проблем е транспарентноста на општините, не велам дека тоа важи за сите, не би генерализирала. Третиот предизвик е односот на администрацијата кон инвеститорите. Администрацијата треба да биде сервис на граѓаните, но во практика не е секогаш така – вели професорката.

Таа информираше и дека сè повеќе наши од дијаспората отвораат тука компании, преселуваат дел од своите активности, особено од Северна Америка.

– Мора да направиме мала дерегулација. Следејќи го патот на пристапување кон ЕУ и прифаќање на делот на легислативата на ЕУ, станавме многу регулирана земја, зборувам за бизнис-опкружувањето. Станавме земја каде што е навистина тешко да се прави бизнис. Ако се потсетиме на рангирањето во „Дуинг бизнис“ навистина бевме добар реформатор, меѓутоа со текот на времето станавме многу регулирани. На инвеститорите сега треба да им претставите низа законски препреки или ограничувања, а заостануваме и во сите активности поврзани со финансии, па ако сакате и за едно обично отворање банкарска сметка – потенцира Мојсоска-Блажевски и посочува дека честопати инвеститорите што се подготвуваат да инвестираат во земјава се откажуваат од тоа и заминуваат во друга земја, токму поради регулативата, или пак, поради нејзината примена, но и поради администрацијата.

Процесот на децентрализација почна на почетокот на 2000 години, се направи еден модел во кој што се даваат ингеренции на општините, меѓутоа исто така им се даваат и финансиски средства, или дотации.

– Со текот на времето малку се менуваше системот на финансирање. Владата сака да ги стимулира да ги собираат даноците, притоа 6 проценти е максимумот што може да го добијат од данокот на додадена вредност: 4,5 проценти е базичното, потоа дел што доаѓа од перформансите на општината, дали собрале повеќе данок на додадена вредност, и околу 0,75 проценти е дел за рамномерен регионален развој. Општините може да имаат повеќе ингеренции, но кога ќе ги зголемат своите капацитети. Се извинувам што вака јавно кажувам, но мислам дека во моментов немаат доволен капацитет. Секако има разлики меѓу општините – општини што работат добро и се отчетни, но и друг тип општини. Оно што мене најмногу ми пречи е што општините не си ја вршат основната задача, не си ги наплатуваат приходите што потенцијално можат да ги наплатат, а тоа главно е данокот на имот, туку прибегнуваат кон полесните опции: трансфери од централната власт, приходи од комуналии. Имаме една експанзија на градежни дозволи, често и нерационална, само да се соберат повеќе пари – вели Мојсоска-Блажевски.

Значаен фактор за деловното опкружување е и дигиталната трансформација.

– За да имаме дигитално општество, треба да имаме дигитални вештини. Значи, зборувам за Владата и дигиталните услугите што ги нуди на граѓаните и на компаниите, зборувам за компаниите што треба да бидат корисници, меѓутоа и активни чинители, и зборувам за граѓаните што треба да имаат дигитални вештини. „Македонија 2025“ работи во сите овие три области – вели Мојсоска-Блажевски.

Посакуваниот економски раст од 5 проценти може да биде реалност

Можно е постигнување на посакуваните стапки на економски раст од 5 или 6 проценти, но треба да доминира економската политика, а не геополитиката или политиката, вели Мојсоска-Блажевски.

– Државата во последната деценија навистина е добра во делот на инвестициите и тие се 28-30 проценти од бруто-домашниот производ. Меѓутоа, прашањето е дали се инвестиции што отвораат можност за економски раст, дали е тоа патна инфраструктура што ќе помогне за поголема мобилност на работниците и за фирмите полесно да увезуваат или извезуваат. Вториот момент е потрошувачката, и лична и јавна. Кај нас населението се намалува, а тоа значи дека се губат потрошувачи. Мора да го стопираме барем трендот на депопулацијата. Јас тука ја гледам дијаспората како една голема можност. Со Владата работиме на повеќе иницијативи во таа насока. Навистина се гледаат трендови на повратници од дијаспората. Во однос на нето-извозот, тука се потребни неколку промени. Најпрво, политиката на субвенционирање во земјоделството. Македонија мора да најде подобар модел и да дојдеме до поголемо производство на храна. Генерално, извозот мора да се зголемува. Голем дел од поддршката преку владините мерки беше насочена кон извозниците. Што се однесува до човечкиот капитал, сметам дека го имаме, ама не го користиме доволно – вели Мојсоска-Блажевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот