„Ние не сме партиски“, ама сме од партија!

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Може ли да стане збор за „непартиска и независна листа на кандидати за советници“ кога носителките влегле во политиката и во градските и во државните институции како партиски кандидати?

Деновиве се собираат потписи за „независни“ и за „непартиски“ листи на кандидати за локалните избори. Медиумите почнаа да предупредуваат за „цунами од независни“, па не е лошо да си го поставиме прашањето – Кои услови треба да ги исполнат кандидатите за да имаат реална основа да се себенарекуваат „независни“ и „непартиски“?

Такви услови за независни и непартиски кандидати имаше поставено на страницата на „Зелен хуман град“ која повика „Кандидирај се во ЗХГ“ со правила како да се кандидираш за „непартиска и независна листа на кандидати за советници на Град Скопје, на локалните избори во 2021 година“. Имено, за да го исполниш условот за непартиски кандидат, со поднесувањето на кандидатурата требаше да потврдиш: „Не сум актуелен/а член на ниту една партија, и не сум бил/а во последните пет години“.

За да го исполниш условот за независен кандидат, со поднесувањето на кандидатурата требаше да потврдиш: „Не сум вработен/а во градската администрација и претпријатија, министерствата, другите органи на државна управа и државните јавни претпријатија/трговски друштва“. Накусо, иницијаторите што постојано инсистираа на тоа дека прават „непартиска и независна листа“ од кандидати, многу јасно си ги имаа дефинирано условите што еден кандидат треба да ги исполни, за да биде дел од „непартиска и независна листа“.

Но, откако јавно излезе носителката на „непартиската и независна листа на кандидати“ и ја претстави „непартиската и независна“ кандидатка за градоначалничка на Скопје, сосема очекувано пак да се постави прашањето: Дали двете кандидатки ги исполнуваат условите за да имаат реална основа да се себенарекуваат „независни“ и „непартиски“?

„Непартиска“ потпретседателка на партија, „независна“ од министерство!

За жал, одговорот е негативен. Главната кандидатка за градоначалничка не го исполнува ниту условот за непартиски, ниту, пак, условот за независен кандидат, иако така беше претставена во јавноста и во медиумите. Несомнено, г-ѓата Ана Петровска е позната и докажана екологистка, но таа не ги исполнува клучните услови на „Зелен хуман град“: да не била член на ниту една партија во последните 5 години и да не е вработена во некое министерство.

Во последните 5 години, Ана Петровска не само што беше член на партија, туку имаше и многу висока партиска функција – потпретседател на ДОМ. Како партиски функционер и кадар таа била именувана и за државни функции – прво како државна секретарка во министерство, а потоа и како директорка на државен инспекторат, државна функција што ја извршуваше до пред само еден месец!

Петровска воопшто не крие од јавноста дека се вратила назад и дека сега е вработена во Министерството за животна средина како помошник-раководител во Секторот со управување со отпад. Исто така, Петровска воопшто не крие дека не се откажала ни од партијата која и овозможи да добие високи државни функции. Во интервјуто од 8 страници во „Фокус“, во поднасловот „Не се откажав од ДОМ, туку од актуелното раководство“, таа појаснува: „Во ДОМ има многу искрени и чесни борци, откажувањето би било откажување од нив“. Исто така, Петровска „за Слободен печат“ вели дека „нејзиното, како и членството на останатите кои се залагаа за промени во ДОМ во моментов е замрзнато“. Изразот „замрзнато членство“ може различно да се толкува, па и така дека може во секој момент и да се одмрзне, ако партиските климатски промени станат благопријатни.

Во секој случај, колку и да е добар еколог, Ана Петровска не може да се смета ниту како непартиски, ниту, пак, како независен кандидат, па оттаму ни листата на кандидат за градоначалник на „Зелен хуман град“ не е ниту независна ниту непартиска!

Затоа, треба да престанат манипулациите на јавноста дека станува збор за непартиски и независен кандидат за градоначалник. А „Зелен хуман град“ треба да заборави на слоганот „Нема да дозволиме и по режимот – режим!“, затоа што нивната кандидатка за градоначалничка беше дел од власта и коалициски партнер и во време на режимот на Груевски, и сè уште е дел од постојната извршна власт како вработена во министерство.

„Ние не сме партија“, за разлика од мене

За жал, и носителката на т.н. „непартиска и независна листа на кандидати за советници на Град Скопје“ на Зелен хуман град исто така не го исполнува условот да не била член на ниту една партија во последните 5 години. Јавноста знае дека пред 4 години Драгана Велковска беше носителка на листа на партијата „Левица“ за Градот Скопје.

Тогаш Велковска својата кампања ја водеше од име на партијата постојано повикувајќи се на партиската програма, и во секој свој јавен настап ја убедуваше јавноста дека е членка на партијата „Левица“. Во едно свое интервју, носителката на партиската листа Велковска јасно кажуваше дека „Левица“ се залага  за департизирање на администрацијата, но сега предлага како кандидат за градоначалничка државен административец – долгогодишен партиски функционер?!

Ако се земе предвид укажувањето на претседателката на Советот на Град Скопје – дека потенцијалната носителка на независна листа, де факто е членка на Совет на Град Скопје од листата на „Левица“, и дека никаква промена официјално не е пријавена – тогаш се поставува прашањето: Има ли воопшто право актуелна партиска советничка да се претставува како носителка на „непартиска“ и „независна листа“?

„ДОМ“, „бетонизација на Скопје“ и „паркот на лудоста“

Едно од најавените ветувања на Ана Петровска е „Ќе ја запреме бетонизацијата на Скопје“. Но, токму кога се спроведуваше најголемата бетонизација на Скопје преку проектот „Скопје 2014“, Петровска била претседател на Комисијата за урбанизам на ДОМ – коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и во извршната и во локалната власт. Неодамна во еден ТВ настап градоначалникот на Центар потсети дека сите спорни урбанистички планови кога Груевски си го градеше „Скопје 2014“ – со кои практично беше овозможено „бетонизирање“ на Центар – биле донесени благодарение на гласот на советникот на ДОМ, пресуден глас без кој ВМРО-ДПМНЕ немало да го има потребното мнозинство.

Затоа, многу е логично да се запрашаме: Што тогаш направила претседателката на Комисијата за урбанизам на ДОМ за да се сопре бетонизацијата на Скопје и уништувањето на зеленилото во Центар преку проектот „Скопје 2014“? Зошто како главна урбанистка на ДОМ не го убедила советникот во Центар да не гласа за спорните урбанистички планови, вклучително и за плановите со кои се овозможија „бетонските чудовишта“ спроти „Холидеј ин“, бетонското чудовиште на местото на „Универзална сала“, како и бетонските чудовишта во коритото на Вардар кои беа подметнати како „сплавови“? Ако тогаш го убедела, Груевски немало да има мнозинство за да го спроведува својот налудничав проект „Скопје 2014“ кој еколошки и урбанистички го упропасти Скопје!

Пред четири години, како носителка на партиска листа, Драгана Велковска ја убедуваше јавноста дека „Проектот СК2014 би сакала да го видам во Парк на лудоста, што ќе го носи името на нашиот бивш премиер“. Во 2017 Велкоска се залагаше „Паркот на лудоста“ да биде јавно претпријатие кое ќе се финансира од наплаќање влезници и други услуги како најдобар начин „да си ги вратиме парите што ни ги украдоа“. Тогаш овој предлог ми изгледаше навистина симпатичен, но како партиска советничка Велковска не поднесе никаква иницијатива за основање на ЈП „Парк на лудоста“. Сега партиската советничка Велковска промовира како кандидатка за градоначалник на Скопје партиска претседателка на комисија за урбанизам на ДОМ, чиј глас беше пресуден за катастрофалната урбанизација и бетонизација на Скопје со кое се уништи градското зеленило?!

На крајот, како да им се верува на кандидати што на збор се залагаат за директна демократија, а на дело ги кршат условите за кандидирање кои самите ги поставиле? Може ли да стане збор за „непартиска и независна листа на кандидати за советници“ кога носителките влегле во политиката и во градските и во државните институции како партиски кандидати? Може ли да ѝ се верува на кандидатката за градоначалничка на Скопје дека ќе се бори против бетонизација на Скопје, ако не направила ништо против бетонизацијата и катастрофалната урбанизација, спроведена на дело благодарение на пресудниот глас од нејзината партија?

Одговорите на овие тешки, но логични прашања ќе ги дадат граѓаните на претстојните избори.

(Авторот е поранешен член на „Партија на зелените“ од 1990-тите, кој оттогаш не членувал во ниту една партија)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот