Ни оваа власт нема да пресече со сечењето ленти пред избори – нема да фрлаат лопати, но ќе се сликаат

Министрите кандидати нема да може да фрлаат лопати во камен-темелници, но ќе можат да се сликаат на веќе почнати проекти, што не е противзаконски, но е суптилно влијание врз гласачите, велат експерти.

Министрите од владејачката Вреди, Изет Меџити и Фатмир Лимани, кои се најавени како кандидати за градоначалници во Чаир и во Кичево за претстојните локални избори, ќе може да сечат ленти и да се сликаат, односно суптилно да водат изборна кампања додека министеруваат. Освен двајцата министри – за животна средина и за социјална политика – уште шест директори на државни институции, управи и инспекторати се кандидати за градоначалници на владејачката Вреди.

Изборниот законик, всушност, не им забранува на министрите да се кандидираат за градоначалници, но не смеат да ги користат државните ресурси за партиски цели.

Ивановска: Сè што е државно не смее да се користи

 

– Она што е важно за кандидатот е тоа што не смее да заборави дека предност има функцијата што ја врши во моментот пред партиската активност. Откако ќе му заврши работното време, потоа може да продолжи со партиски активности. Тоа го пишува во Етичкиот кодекс за членови на Владата, и тоа треба да се почитува. Она што е важно е дека не смеат да користат никакви државни ресурси за партиски цели. Прва работа што ја направивме ние како состав кога бевме именувани, беше формирањето на Регистер за службени возила. Го направивме регистарот за да можат граѓаните полесно да ги следат, доколку се сомневаат дека некое е службено возило, веднаш да можат да проверат. Тој регистер, ДКСК сега треба да го обнови и повторно да им обезбеди на граѓаните пристап за да можат да ги проверат возилата. Понатаму, не смеат да користат државни простории, значи сè што е државно не смее да се користи во изборен процес за одредени партиски активности – објаснува за „Слободен печат“ поранешната „прва антикорупционерка“ Билјана Ивановска.

Ова е уредно и во членот 8а во Изборниот законик, кој беше додаден по владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски, кој пред избори редовно „фрлаше лопати“. Според овој член, конкретно за локални избори, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборите за избор на градоначалник или за членови на советите на општините, односно до конституирањето на советите на општините и на Градот Скопје не може да се располага со буџетски пари, пари на буџетите на општините и град Скопје, пари од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи, односно правни лица што располагаат со државен капитал.

Исто така, во овој период не може да почне изградба на патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта, училишта и градинки со пари од буџетот, „освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“. Тоа значи дека министрите кандидати нема да може да фрлаат лопати, меѓутоа ќе можат да се појавуваат и да се сликаат на веќе почнати проекти. Ова не е противзаконски, но е суптилно влијание врз гласачите.

– Тоа е суптилно влијание врз гласачкото тело. Во Законот пишува дека не смее да се започне со изградба, тоа е член 8а од Изборниот законик, но тие ќе може да одат кај веќе започнати објекти, да сечат ленти, да се сликаат… И тоа не е спротивно на Закон, меѓутоа е суптилно влијание врз гласачкото тело. Ние ги разобличувавме тие ситуации, ги коментиравме, зборуваме дека недостига политички интегритет во партиите. Исто така, може и да се темпираат јавните набавки за овој период пред изборите за да изгледа дека се работи, се гради. Тоа се ситни работи кои не се спротивни на Законот, но влијаат на гласачкото тело – вели Ивановска.

Освен Изборниот законик, однесувањето на функционерите кандидати за градоначалници е децидно пропишано во Етичкиот кодекс, во член 13. Овој Кодекс им наложува на овие кандидати писмено да го известат претседателот на Владата и членот на Владата одговорен за следење на спроведувањето на Кодексот.

Иако природно е министерот за добро владеење Арбен Ферати да е надлежен за спроведувањето на Етичкиот кодекс, сепак Владата го има назначено министерот за правда Игор Филков како одговорен за почитување на овој Кодекс.

Според Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, носителите на извршни функции кои имаат намера да учествуваат на избори по потврдувањето од надлежната изборна комисија за кандидат согласно Изборниот законик писмено го известуваат претседателот на Владата и членот на Владата одговорен за следење на спроведување на Кодексот.

– Со оглед на тоа што локалните избори сеуште не се распишани и нема потврда од надлежна изборна комисија за кандидат,ве информирам дека нема ниту едно писмено известување- ни изјави Филков.

Премиерот Христијан Мицкоски не гледа ништо спорно и неетички во овие кандидатури.

Мицкоски: Политичарите не даваат суд за моралните вредности

 

– Ќе се воздржам од коментар дали е етички и коректно, не гледам зошто не би било. Кога тоа било практика во минатото и се случувало, дали било и тогаш етички или не, исто така можеме да дискутираме, но факт е дека тоа не е спротивно на Закон. Не сме ние политичарите тие што даваат суд за моралните вредности за личности. Ние можеме тука само да го почитуваме Законот и така да се однесуваме. Вашата констатација, која е половина прашање, ја отфрлам како обид да се коментира нешто кое нема никаква врска со реалноста – одговори Мицкоски на новинарско прашање дали е етички исправно кандидирањето на двајцата министри и шестмина директори за трката на локалните избори.

Од Вреди објаснија што ќе се случува доколку овие кандидати бидат избрани за градоначалници.

– По завршувањето на локалните избори и формалното добивање на мандат, поради министрите кои ќе бидат избрани за градоначалници ќе се отвори потребата за реформирање и прераспределба во Владата, во тесна координација со коалициските партнери. До тој момент, сите министри ќе ги извршуваат своите владини обврски согласно законските надлежности – велат од Коалицијата Вреди.

Мицкоски не очекува застој во функционирањето на институциите.

– Тие не поднесоа оставка. Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истовремено ќе бидат кандидати. Тоа не се случува првпат, честопати се случувало во минатото. Сето тоа што значи нормално функционирање на институциите ќе продолжи во таа насока – вели Мицкоски.

Коалицијата Вреди одлучи двајца министри и шестмина директори од јавни претпријатија да влезат во трка на претстојните локални избори. Меџити ќе биде кандидат за градоначалник на Чаир, а Лимани во Кичево. Но, и дел од актуелните кандидати за градоначалници и од опозицијата, но најмногу од владејачката ВМРО-ДПМНЕ целат кон нови градоначалнички функции или во истите општини, односно како градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој сака да биде градоначалник на Скопје. „Во согласност со законот“ и Горан Герасимовски од СДСМ ќе брка уште еден мандат во Општина Центар, притоа користејќи општински пари за кампања и за себепромоција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот