Вера Стојчевска Антиќ

Незаборавен присутник – 11 години од смртта на Хорас Лант

Доживеав да ги откријам заедничките научни импулси на Хорас Лант со тие на Блаже Конески, кои не случајно ги споија двајцата творци и автори на научни дела, кои се проникнуваат со недвојбени високи развиени умствени и човечки капацитети и потенцијали.

Харвардскиот емеритус професор Хорас Лант останува како незаборавен присутник во нашата средина. Го напушти својот широк и висок научен круг во Харвард, САД, Канада, Европа, токму на 11 август 2010 година, во Балтимор Мериленд. Токму тогаш се појавија многубројните фотографии на професорот со членови од Македонската научна  делегација, редовно присутна во САД и Канада. Меѓу нас е секогаш расположениот и насмеан професор Лант.

Незаборавните долги разговори што ми ги овозможуваше професорот Лант, секогаш спремен за дискусија за нашиот јазик или за пошироки научни дискусии, ми ги враќаат назад извонредните научни средби, кои ги организиравме  по мојот двомесечен престој во Вашингтон, како гостин на Владата. По богатиот престој  бевме избрани со проф. Виктор Фридман за координатори на американско-македонските славистички средби за македонистика.  Првата  „Американско-македонска конференција за македонистика“ се одржа во американскиот универзитетски град Ен Арбор во Мичиген, 1991 година. По успешната и богата тридневна дискусија професорот не чувствуваше замор, зашто повеќе од еден час говореше за одликите на македонскиот јазик и неговиот исполнител Блаже Конески, зашто и за време на вечерата и долго по неа,  дискутиравме за поставената тема во сесиите. Уште првата вечер  го доловив неговиот неуморен интерес за состојбите во развојот на македонскиот јазик. Како прва средба бев изненадена од неговите широки вникнувања во суштината на јазичната историја, ми се чинеше дека долго бил присутен во Македонија и меѓу нас. И наредната вечер протече во несопирливи дискусии за лингвистичките теми. Се впуштав со разновидни прашања до професорот, кој ги прифаќаше веднаш, како да размислувал за нив токму тогаш. По тридневните научни дискусии по повод американско-македонските реферати, дискусијата неуморно продолжуваше, а јас жалев што таа ќе заврши со заминувањето на сталожениот и неуморен професор од Харвард. Нашата македонска делегација го чувствуваше истото.

Во 1994 година успешно се одвиваше Втората славистичка конференција, овој пат во Охрид, по која ја очекувавме спремни Третата конференција, закажана за  1997 година во Торонто, со нејзин водител и претседател проф. Кристина Крамер. Истата година почна и најавената Конференција. Во комплексот „Викторија“ , како дел од Универзитетот во Торонто, не пречека секогаш љубезната проф. Кристина Крамер. Набргу се појави и конзуларниот намесник господин Коста Дураковски, по чии разговори почувствувавме дека Торонто е наполно спремен за нашиот настап. На 12 јуни 1997 година во големата сала на „Емануел колеџот“ почна првиот работен ден. И овде, како и во Ен Арбор, прв го сретнувам професорот Хорас Лант, што ме израдува уште во почетокот на пленарното заседание. Професорот е насмеан, секогаш тивко расположен  и пресретлив, секогаш достоинствено и сталожено љубезен и насмеан. Пленарната седница почна со долгиот и пријатно дочекан говор на харвардскиот научник Лант. Тој се осврна врз развојот на македонскиот јазик по 1952 година, кога ја издаде „Граматиката на македонскиот јазик“ на англиски јазик. Во рефератот беа анализирани и резимирани најважните линии од развојот на јазикот.

Во излагањата лично  ги изнесов важните славистичко-македонистички средби и засилена соработка, која започна посебно од 1989 година, по што се согледуваат резултатите еве и до оваа Трета конференција, на која зедоа учество со посебни излагања 8 македонски и 12 американски научници од Харвард, Чикаго, Аризона, Калифорнија, Тексас, Канада итн. Организаторот Кристина Крамер ѝ даде посебен научен белег на средбата со своите сериозни проникнувања во македонскиот јазик. Во многубројните учесници и слушатели се забележуваа научници од постарите генерации, но и од очевидно помладите. На Конференцијата беше одлучено Зборникот со рефератите да му биде посветен на јубилејот на емеритус професор Хорас Лант, што беше реализирано со општо задоволство.

Посебен интерес во мене се создаде со организираните средби со македонските иселеници во Торонто, зашто во сите нив во центарот на вниманието за мене секогаш беше професорот, кој со нескриена симпатија се спои со иселениците, со нивниот збор, со деловите од организираните претстави. Ненаметливо и пријатно ги минуваше часовите со сите нас, не избегнувајќи ги многубројните прашања.

Дојде редот и на Петтата конференција, која се одржа во Колумбос во 2003 година, во која водев делегација од 10 македонски научници слависти, за што поопширно пишувам во мојата книга „Славистички студии“ (Скопје 2006). Нè пресретна одредениот организатор на средбата проф. Жозеф Брајан. И овде кулминира мојата радост, прво го пресретнувам проф. Хорас Лант, стигнат во Колумбос пред нас. Но, овде е и проф. Ерик Хемп, Жозеф Шалерт, разбирливо координаторот Виктор Фридман, Кристина Крамер и др. Покрај богатите сесии со излагања на референтите, дискусиите продолжуваат и за време на ручеците и вечерите. Во богатата организирана средба проф. Људмил Спасов ја претстави најновата книга на МАНУ, која лично ја уреди, „Граматиките на македонскиот јазик од Хорас Лант и Виктор Фридман“.

На 2 мај Државниот универзитет во Охајо на посебна свеченост им додели посебни високи признанија на координаторот од македонска страна на проф. Вера Стојчевска Антиќ и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за афирмација на македонскиот јазик во САД, за организирањето на заедничките славистички конференции. Посебни плакети им додели на научниците Хорас Лант, Ерик Хемп, Виктор Фридман, Кристина Крамер, Брајан Жозеф, Бенџамин Столц и посмртна на проф. Кенет Нејлор.

На Конференцијата беше изложена продукцијата на македонската издавачката дејност, која предизвика голем интерес. Закажаните и организирани средби направија извонреден спој помеѓу американските и македонските учесници, со извонредни шегобијни ситуации, кои посебно умееше да ги предизвика предвидливиот наш омилен колега Виктор Фридман.

Посебно сакам да подвлечам дека моето присуство на овие заеднички славистички средби се обогати со важните средби со американските научници, но особено со емеритус професор Хорас Лант, кој најљубезно и со видлив интерес беше секогаш спремен да ми даде одговор на многу прашања што ги поставува пред себе современиот научен интерес. Ме обогати со проширените можности за навлегување во сферите на современите научни лингвистички и книжевни правци, кои секогаш даваат можност за одредени согледувања на односните проблеми. Посебно сакам да го истакнам мојот заклучок од тие средби дека доживеав да ги откријам заедничките научни импулси на Хорас Лант со тие на Блаже Конески, кои не случајно ги споија двајцата творци и автори на научни дела, кои се проникнуваат со недвојбени високи развиени умствени и човечки капацитети и потенцијали. Чувствувам задоволство и денес што и од двајцата „горостаси“ примав и откривав патокази,  кои  ги применувам и денес. Тие се од непроценлива важност и за нашата Северна Македонија и за нашите сограѓани што умеат да ги ценат. За нив се открива вечен незаборав!

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот