Полициска истрага за пукањето во школото во Грац EPA-EFE/ANTONIO BAT

Непознати мотивите за масакрот во Грац: Тишината што му претходеше на злосторството

Истражителите сè уште немаат јасна слика за причината на нападот. Се разгледува дали нападот бил насочен кон конкретни лица или бил произволен чин без јасна цел.

Жителите на австрискиот град Грац сè уште се во шок по вооружениот напад во едно од средните училишта, што се случи во вторникот. Напаѓачот, кој бил сосед на некои од сведоците, го опишуваат како повлечен млад човек, кој секогаш носел големи слушалки и ранец, не се поздравувал, но никогаш не бил проблематичен.

– Секогаш беше во свој свет. Не се поздравуваше, но никогаш не направил ништо што би нè вознемирило – раскажува една млада мајка за австрискиот неделник профил.

Постара сосетка додаде: „Се молам не само за семејствата на жртвите, туку и за неговата мајка. Од таа куќа никогаш не се слушнало ниту едно гласно зборче“.

Инцидентот предизвика паника и акција од страна на полицијата – за само 17 минути по алармирањето, училиштето било целосно обезбедено од специјалните единици ЕКО Кобра. Повеќе од 300 полицајци беа вклучени во евакуацијата на учениците и проверката на зградата. Брзата реакција овозможи првите медицински екипи веднаш да пристигнат и да почнат да пружаат помош.

Полицијата истовремено се справуваше и со неколку лица кои, на истиот ден, упатиле закани кон други училишта во Грац. За сите такви случаи биле мобилизирани специјални тимови на терен.

Истражителите сè уште немаат јасна слика за причината на нападот. Според директорот за јавна безбедност Франц Руф, во прошталната белешка што ја оставил осомничениот не се наведува конкретен мотив. Се разгледува дали нападот бил насочен кон конкретни лица или бил произволен чин без јасна цел.

По трагедијата, градоначалничката на Грац Елке Кар од Комунистичката партија (КПO), се јави со остра порака во телевизиското интервју на ЗиБ2:

– Оружје треба да носат само припадниците на безбедносните служби, не и обични граѓани. Длабоко сум уверена дека дозволите за оружје се издаваат премногу лесно – тоа го тврдам со години, но денешната ситуација ме убеди уште повеќе – нагласи Кар.

Австриските медиуми објавија дека и претседателот Александер ван дер Белен ќе допатува во Грац. Тој ќе биде пречекан во 16 часот од страна на покраинскиот гувернер Марио Кунасек (ФПО). Не се планирани изјави за медиумите. Кунасек ќе го информира ван дер Белен за состојбата по масакрот. Потоа, претседателот ќе се сретне и со градоначалничката Елке Кар (КПO).

Австрија, иако се смета за безбедна земја, не е имуна на глобалниот тренд на растечко насилство и оружени инциденти, особено меѓу младите. Овој трагичен настан повторно ја отвори дебатата за поседување оружје и менталното здравје кај младите, оставајќи многу прашања без одговор.

ФОТО | Граѓаните им оддаваат почит на жртвите во Грац

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот