Ивица Боцевски /Фадил Зендели / Веле Трпевски - Фотоколаж: „Слободен печат“

Неофицијално: Боцевски ќе биде амбасадор во Шведска, Зендели во Данска, Трпевски во Албанија

Сега се во игра различни комбинаторики за именување нови амбасадори во останатите испразнети амбасади, со оглед дека треба да се задоволат „апетитите“ на коалициските партнери, но и да се испочитува изборот на трите актери во надворешната политика – Владата, МНР и претседателката на државата

Ивица Боцевски ќе биде нов македонски амбасадор во Шведска, Фадил Зендели ќе замине во Данска, а Веле Трпевски ќе ја претставува Македонија во Албанија, дознаваме неофицијално до владини извори.
Овие тројца кандидати поминале на владина седница, но според процедурата, официјално ќе бидат објавени откако ќе добијат агреман, по што ќе треба да ги бранат тезите и пред собраниската Комисија за надворешна политика, велат нашите извори.
Боцевски минатата година во септември беше назначен од Владата за специјален владин претставник за унгарското претседателство со ЕУ по што се шпекулираше дека можеби ќе биде именуван за амбасадор, но сѐ остана на шпекулација. Претходно во 2016 година Боцевски стана прв македонски амбасадор во Бразил, каде што замина со указ на тогашниот претседател Ѓорге Иванов кому му беше советник. Инаку, Боцевски претходно беше и вицепремиер за европски прашања, а работеше и во МНР.
Зендели кој ќе биде амбасадор во Копенхаген е доктор од Гостивар и поранешен пратеник од Движењето БЕСА, додека Трпевски е професионалец од Министерството за надворешни работи кој порано еднаш веќе беше амбасадор во Тирана, а потоа и во Австралија, а според интернет страницата на МНР, сега е директор на Директоратот за организациони работи.
Ова е само првиот чекор за пополнување на овие амбасадорски места, а за заминување тројцата амбасадори ќе треба да почекаат неколку месеци, односно после завршувањето на локалните избори.
Последната група амбасадори беа именувани во јануари кога Владата донесе одлука за испраќање на нефрологот Игор Николов за Париз, Димитар Блажевски за Украина, Драган Ѓурчевски за Хрватска и Андријана Цветковиќ за Јапонија.
Во меѓувреме, останаа испразнети амбасадорските места во Астана (Казахстан), Будимпешта, Ватикан, Доха, Каиро, Копенхаген, Тирана, Женева, Постојаната мисија во Њујорк, како и во конзулатите во Детроит и Солун.
Тогаш со указ од претседателката беа повлечени осуммина амбасадори, па Владата одлучи да почне постапка по автентичното толкување на Законот за надворешни работи во Собранието според кое тие биле упатени без целосно завршена законска процедура. На таа листа беа амбасадорите во Босна и Херцеговина – Јакуп Реџепи, Црна Гора – Зеќир Рамчиловиќ; Чешка – Емил Крстевски; Шведска – Џенк Сејфула; Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска – Катерина Ставревска; Белгија – Методија Белевски, кој е нерезидентен амбасадор на земјава и за Луксембург и амбасадорката во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.
Тројца од нив – Ставревска во Лондон, Руси Поповска во Софија и Сејфула во Стокхолм останаа како вршители на должност.
Според информациите на „Слободен печат“, сега се во игра различни комбинаторики за именување нови амбасадори, со оглед дека треба да се задоволат „апетитите“ на коалициските партнери, но и да се испочитува изборот на трите актери во надворешната политика – Владата, МНР и претседателката на државата.
За некои од дестинациите, како на пример Грција, наводно веќе има решение кое треба да се детализира, за некои од кандидатите се размислува за една или друга дипломатска мисија, за некои се чека избор на кандидат од Вреди, на пример, поранешен пратеник се споменува за с-пецијален претставник кој треба да ја отвори амбасадата во Ријад,  а за некои Дипломатско-конзуларни претставништва подоцна ќе се бараат решенија бидејќи се смета дека сега не се приоритет.
И додека главно на ниво на Влада траат консултациите околу пополнување на испразнетите места, во јавноста се шпекулира со многу имиња за кои засега нема потврда.
Освен тоа, неофицијално се говори дека многу поранешни амбасадори, пратеници, партиски личности, професори… изразиле желба да пополнат некое од испразнетите места, некои од нив „искажале интерес“ за конкретни места, а некои би го прифатиле кое било амбасадорско место за што поранешен дипломат коментира дека „тоа не е ништо повеќе од желботека“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот