
Нема веќе аболиција по желба на претседателот
Аболицијата е политичка одлука со која шефот на државата е ставен над судовите и без судски процес одлучува за нечија невиност, а со новото законско решение никој не може да биде исклучен од кривичното гонење, вели претседателот на работната група за измена на законот, проф. д-р Бобан Мисоски
Ќе нема повеќе аболиција од Претседателот на државата за осомничени или обвинети лица додека трае кривично-правната постапка против нив, туку тие ќе можат да замолат само за помилување и тоа откако судот ќе изрече пресуда и таа ќе стане правосилна. Со оваа одредба се согласија членовите на работната група која утрово водеше јавна расправа за новиот нацрт-закон за помилување, што го подготвува Министерството за правда. Од Министерството информираа дека работната група за овој закон целосно го поддржува решението според кое шефот на државата ќе може да помилува само за изречената казна, а не и за кривичното гонење.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението согласно кое Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Ова решение беше целосно поддржано и од работната група која работи на новиот Кривичен законик – велат од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека значајна новина во новиот закон се и решенијата со кои е детаљно разработена постапката за помилување. Предвидени се кратки рокови од 30 дена за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката, а за доцнење се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите.
– На законот кој беше предмет на јавната расправа се работеше подолг временски период. Беа разгледани повеќе компаративни искуства, а најголем дел од решенијата се содржани во оние држави со кои имаме слични правни системи – велат од Министерството за правда.
Мисоски: Секој осомничен да има право да ја докажува невиноста
Претседателот на работната група за законот проф. д-р Бобан Мисоски за „Слободен печат“ вели дека аболицијата е политичка одлука со која шефот на државата е ставен над судовите и без судски процес одлучува за нечија невиност, а со новото законско решение никој не може да биде исклучен од кривичното гонење.
– Целта е да се даде сила на судовите, да се докаже пред нив или да не се докаже нечија вина. Помилувањето, исто како и аболицијата е политичка одлука, но разликата е во тоа што прво судовите ќе одлучуваат, а потоа политиката ако сака нека помилува некое лице. Со аболицијата политичарот може да одлучува дали некој е виновен или не е, а аболицираниот со тоа ја губи можноста на фер судење – вели проф. Мисоски.
Во законот за помилување нема ограничување за тоа за кои кривични дела не е можно да има помилување, односно, секој осуденик, без разлика за какво дело е осуден и на колкава затворска казна може да поднесува молби за помилување. Претходно не беше можно да се даде помилување за кривични дела протов изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против здравјето на луѓето, за трговија со дрога и за дела против човечноста и меѓународното право. Ја нема ниту некогашната одредба дека претседателот по исклучок може да дава помилување без спроведување на постапката кога тоа е од интерес за Републиката.
– Уставниот суд пред ги избриша тие одредби во 2016 година, затоа што сиите граѓани пред законот се еднакви и затоа што тие одредби предвидуваа ограничување на Претседателот при давањето на помилување, па затоа ниту сега нема поента да се стават во новиот закон, затоа што пак би паднале пред Уставен. Нема ограничување ниту за видот на делата и за висината на казната, но од друга страна, пок, кој претседател би помиливал педофоли или повеќекратни убијци, на пример – вели Мисоски.
Тој додава и дека повеќе нема да е можно да се поведе постапка за помилување по службена должност, туку исклучиво по молба од осуденикот или од неговиот адвокат, како и со молба од блиски членови на семејството на осуденикот, но само со негова писмена согласност.
Три незаборавни аболиции
Според нацрт-законското решение кое е достапно на енер.мк, претседателот може да дава помилување на поименично определени лица за кривични дела, по правосилноста на судската пресуда. Помилувањето се дава заради потполно или делумно ослободување од издржување на казната, за замена на изречената казна со поблага или со алтернативна мерка, за замена на алтернативната мерка со друга мерка, за давање на предвремена рехабилитација итн. Постапката се поведува со молба на осудениот само по правосилноста, но молбата не го одложува извршувањето на казната.
Молбата се поднесува до Министерството за правда, а ако е поднесена до друг орган или казнено-поправна установа, тогаш тие веднаш мора да ја достават до министерството. Министерството нема да почне постапка ако молбата ја поднело неовластено лице, ако е поднесена пред правосилноста на пресудата, ако осудениот почнал итн. За да постапува по молбата Министерството собира податоци од судот, од затворот итн и во рок од 30 дена од добивање на податоците изработува извештај за молбата со детаљни податоци, кој, пак се испраќа до Комисија за помилување. Комисијата има шест члена и ја формира министерот за правда и таа изработува мислење за молбата, кое заедно со извештајот ќе ги достави до Претседателот, исто, во рок од 30 дена. И Претседателот може да формира Комисија за помилување, но како советодавно тело.
Одлуките за помилување ги носи исклучиво Претседателот. Ако донесе одлука или решение за помилување тие се објавуваат со Службен весник, а ако ја одбие молбата, не се објавува.
Досега претседателите ослободувале лица од кривичен прогон за време на истрага или во судска постапка, а најпознати и најконтроверзни се три аболиции, издадени од тројца поранешни претседатели. Претседателот Борис Трајковски во 2003 година ги помилува Доста Димовска и Александар Цветков за првата аферата со прислушување „Големото уво“. Бранко Црвенковски во 2008 година даде аболиција за аферата „Глобал“ за Зоран Заев кој тогаш беше градоначалник на Струмица и за пет други лица. Експретседателот Ѓорѓе Иванов во 2016 година со еден акт помилува, односно даде аболиција на дури 56 лица, дел осомничени во предметите на некогашното СЈО, меѓу кои високи функционери од тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, потоа Сашо Мијалков, министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанклуловска и други, што пак преизвика долготрајни граѓански протести познати како „Шарената револуција“.