Нема полнење или дополнување на плински боци- бензинските пумпи под лупа на пазарните инспектори

Ова не е резултат на некоја законска измена или на некој нов правилник за точење на горивата, туку само доследна примена на нормите што датираат подолг период, ама не се почитувале. Од ДПИ за „Слободен печат“ ја потврдуваат оваа практика и велат дека од средината на декември минатата година, нивните инспектори се на терен и вршат контроли

Единствена замена на празната со полна плинска боца од пред десетина дена се практикува на бензинските пумпи во земјава. Ако сакате да ја наполните или да ја дополните плинската боца, тоа веќе не е можно. Ваквата практика се однесува не само на оние од 5 или 10 килограми, туку и за помалите, излетнички. Ова не е резултат на некоја законска измена или на некој нов правилник за точење на горивата, туку само доследна примена на нормите што датираат подолг период, ама не се почитувале.

Од Државниот пазарен инспекторат за „Слободен печат“ ја потврдуваат оваа практика и велат дека од средината на декември минатата година, нивните инспектори се на терен и вршат контроли. И вработените на дел од бензинските пумпи не само во Скопје, туку и во внатрешноста ни рекоа дека некои приватни точилници досега се оглушувале од забраната, иако тоа не е дозволено. Дел, пак, велат дека е добро што конечно почна да се почитува одлуката за да се избегнат безбедносните ризици. Забраната за точење плин не значи и зголемени трошоци за граѓани, освен минималните 5 до 10 денари, а тие добиваат безбедни и атестирани боци, особено сега пред летните месеци кога се зголемуваат горештините. Со нелегалното полнење на шишиња за домаќинствата, бензинските пумпи, кршеле најмалку два прописа – за противпожарна заштита и за вршење на нерегистрирана дејност.

– Ова не е новина, туку закон што постои одамна, ама не се почитуваше. Постојано сме на терен и вршиме контроли, мора да се стави ред и да се обезбеди поголема сигурност на граѓаните кои ги користат плинските боци за готвење и за греење – објасни за нашиот весник Влатко Стојкоски, директор на ДПИ.

Според него, замената на боците не претставува значителен трошок за граѓаните, ама им обезбедува намален ризик особено кога се тие се полнеа без соодветна контрола.
Вработените од една бензинска пумпа во внатрешноста велат дека тие и досега вршеле само замена, но не и полнење на боците и дека тоа се правело на помалите приватни пумпи.

– Мора да се применува законот, за да нема посериозни несреќи од неатестирани боци – велат вработените.

Периодично не само од единствената компанија со сертифициран сервис за контрола, сервисирање и полнење плински боци, туку и од експертите доаѓаат предупредувања дека македонскиот пазар може да се најдат плински шишиња за домаќинството (плински боци), па дури и боци за технички гасови што се користат за оксигенско заварување со сомнителен квалитет и без сертификат за исправност и контрола.

Ова стана јасно во 2020 година по трагедијата во кумановското село Романовце каде од експлозија на плинска боца загинаа четворица членови на едно семејство, од кои тројца на место, а еден подоцна во болница им подлегна на повредите, додека уште шестмина беа повредени, од кои четворица се во критична состојба, меѓу кои и бремена жена и дете. Според експертите, експлозијата во семејниот дом во Романовце била предизвикана од 20-литарско плинско шише без сертификат набавено на пазар, а не од овластена полнилница.

Се памети сличната трагедија во 2021 година во центарот на Белград, во која беа повредени пет лица, од кои две потешко.
Низ годините, голем дел од бензинските пумпи полнеа плински шишиња за домаќинствата иако не беа регистрирани за таа дејност, а единствено беа надлежни да ги полнат автомобилите што возат на плин. Државната статистика не мери колку плински шишиња купуваат граѓаните, освен за малите, а такви во 2023 година едно македонско семејство во просек купило по 0,2, а просекот на полнење течен автоплин истата година изнесува 9,2 литри.

Контролирајте го и цревото од боцата со мачкање со сапуница

Регулатор, гумичка, заштитно капаче и сигурносен вентил се елементите што секое плинско шише мора да ги има. За да бидат сигурни потрошувачите дека уредот е атестиран, треба да го купат од овластен продавач што гарантира безбедност.

Секој уред што се користи во домаќинствата има т.н. лична карта. Неговото полнење на бензински пумпи е строго забрането со закон. Доколку долго време користите плинско шише, морате да ја контролирате исправноста на цревото, бидејќи ако е старо и долго се користи, можно е да дојде до ситни пукнатини што не можат веднаш да се забележат.

За да го проверите цревото, треба да го премачкате со сапуница од детергент за садови и да го пуштите плинот, доколку се прават меурчиња, тоа е знак дека цревото не е добро и треба да се замени. Уредите не смеете да ги држите под нивото на земјата и секогаш треба да стои во вертикална положба. На боцата никако не смеете да ставате запаливи материјали како весници, крпи, запалки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот