
Нема кратење на паралелки во Кочани, наставниците остануваат на работа
Советот на Општина Кочани денеска на 69. седница одржана во Мултикултурниот центар со 16 гласа „против“ и еден „воздржан“ гласаше против Решението на в.д. градоначалникот Венко Крстевски за запирање на одлуката за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта за учебната 2025/26 година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со ова, околу педесет наставници на кои на 31 август не им беа продолжени договорите за работа се враќаат во наставниот процес, а бројот на паралелките останува непроменет. Одлуката на Советот треба да биде објавена во Службен гласник.
Претседателот на Советот, Лазо Митев, на седницата информираше дека до Јавното обвинителство е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена должност и овластувања, поврзана со овој случај.
„Како претседател стојам зад тоа целата оваа работа да се испита. Зошто се крие документот со кој МОН дава позитивно мислење за формирање паралелки со помал број ученици? На 5-ти овој месец документот е испратен до в.д. градоначалникот, потпишан од министерката за образование. Денеска е 12-ти, а документот сè уште не е во Општината. Се сомневам дека некој го крие. Зошто?“ – праша Митев.
В.д. градоначалникот Крстевски не присуствуваше на седницата. Претставник од секторот образование објасни дека Министерството за образование уште пред да се појави проблемот дало согласност за вработување на наставниците, па затоа нема финансиски импликации за училиштата поради продолжувањето на нивните договори.