
Нема докази дека Русија ги пресекла подморските кабли во Балтикот, велат западните служби
Западните разузнавачки агенции не пронашле докази за руска вмешаност во оштетувањето на подводните кабли на дното на Балтичкото Море, објави денеска „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори.
Препорачано
„Според неколку американски и европски разузнавачи, прекините во подводните кабли што ги вознемириле европските безбедносни службеници во последните месеци веројатно се резултат на поморски несреќи, а не на руска саботажа“, се наведува во написот.
Како што се посочува, заедничката истрага на американските и европските разузнавачки служби не открила индиции дека комерцијалните бродови за кои постои сомневање дека влечеле сидра по морското дно, го сториле тоа намерно или по инструкции од Москва.
Собраните докази, вклучително и пресретнати комуникации и други доверливи разузнавачки информации, сугерираат дека инцидентите со кабелот биле несреќи предизвикани од неискусни екипажи кои работеле на лошо одржувани бродови, пишува американскиот весник.
Инцидентот во кој беше оштетен клучен подморски кабел во Балтичкото Море, се случи на крајот на минатата година. Во ноември пукна телекомуникацискиот кабел „C Lion 1“ меѓу Финска и Германија, како и комуникацискиот кабел меѓу Шведска и Литванија. Тогаш локалните власти се сомневаа дека за инцидентот е одговорен кинескиот товарен брод „Џи Пенг 3“.
Покрај тоа, на крајот на декември беше исклучен далноводот „Est Link 2“ меѓу Финска и Естонија, како и четири комуникациски кабли: три поставени меѓу Финска и Естонија и четврти што ја поврзува Финска со Германија.