Претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Анкориџ, Алјаска, 15 август 2025- EPA/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN POOL / POOL MANDATORY CREDIT

„Нема договор додека не постигнеме вистински договор“ – крај на средбата Трамп–Путин

По речиси три часа разговори во Анкориџ, Алјаска, првиот директен состанок меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин од 2019 година заврши без конкретен договор за запирање на војната во Украина.

Иако средбата беше оценета како „многу продуктивна“, двајцата лидери признаа дека клучните разлики остануваат нерешени. Зад внимателно избрани зборови и дипломатски тон, се наѕираше фактот дека патот до прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните осум децении ќе биде подолг и покомплициран од очекуваното.

Американскиот претседател Доналд Трамп веднаш по завршување на состанокот изјави  дека тој и рускиот претседател Владимир Путин не постигнале договор за решавање на војната на Москва во Украина по речиси тричасовниот самит на Алјаска, иако средбата ја оцени како „многу продуктивна“.

Трамп средбата ја оцени како „многу продуктивна“

„Се согласивме по многу, многу точки“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со Путин. „Би рекол дека има неколку големи прашања што сè уште не ги решивме, но постигнавме одреден напредок. Значи, нема договор додека не постои вистински договор.“

Прв им се обрати новинарите Путин, а потоа Трамп. По кратките изјави, двајцата лидери не одговараа на прашања од медиумите.

Засега не е јасно дали разговорите доведоа до значајни чекори кон прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните 80 години – цел што Трамп јавно ја постави, јавува Ројтерс.

Путин изјави дека очекува Украина и нејзините европски сојузници да ги прифатат резултатите од преговорите меѓу САД и Русија, и ги предупреди да не го „торпедираат“ напредокот кон решение.

Трамп и Путин, заедно со своите главни надворешнополитички советници, се сретнаа во просторија на воздухопловната база во Анкориџ, на Алјаска, на нивниот прв состанок од 2019 година. Зад нив стоеше сина позадина со натпис: „Стремеж кон мир“. Главната цел на Трамп, според неговите јавни изјави, беше да обезбеди прекин на борбите и да го убеди Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни преговори за крај на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.

Трамп изјави дека ќе ги повика Зеленски и лидерите на НАТО за да ги информира за разговорите со Путин.

Бомбардер Б2 и Ф22 над главата над Путин како добредојде во Алјаска

Состанокот започна во петок околу 11:30 по локално време (21:30 по централноевропско време) во базата Елмендорф, а заврши околу два часа и 45 минути подоцна.

Пречек на Путин во САД од страна на Трамп

Новинарите се собраа во прес-салата веднаш по објавата дека разговорите се завршени, очекувајќи ја заедничката конференција за медиумите на Трамп и Путин. Трамп прв пристигна во базата Елмендорф со претседателскиот авион околу 10:20 по локално време, додека рускиот Илјушин со Путин слета околу 40 минути подоцна.

Двајцата претседатели се ракуваа и одеа еден покрај друг по пистата, додека новинарите извикуваа прашања — меѓу нив и дали Путин ќе ги прекине нападите врз цивили или ќе прифати прекин на огнот. Не е јасно дали тие ги слушнаа прашањата.

Американски борбени авиони Ф-22 и бомбардер Б-2 го надлетуваа подрачјето додека двајцата лидери се движеле по пистата.

Во изненадувачки потег, Путин му се придружи на Трамп во американската претседателска лимузина на патот кон местото на состанокот – чест што ретко ѝ се укажува на странски лидер.

Како што наведуваат медиумите иако Трамп и Путин разговарале телефонски најмалку пет пати од јануари, состанокот во петокот е нивната прва средба лице в лице во вториот мандат на Трамп.

„Мислам дека сè ќе излезе многу добро, а ако не, ќе се вратам дома многу брзо“, изјави Трамп за Fox News за време на летот со авионот.

„Нема да бидам среќен ако заминам без некаква форма на прекин на огнот“, додаде тој. Ова денеска е всушност поставување на масата. Ќе имаме уште една средба ако работите одат добро – што ќе биде многу брзо – или воопшто нема да имаме повеќе состаноци. Можеби никогаш.“

Трамп станува сè пофрустриран поради неможноста да ја запре војната на Русија додека Украина е исклучена од преговорите

Исклучувањето на Украина од мировните разговори во Анкоридж ја отвори дилемата дали состанокот меѓу Трамп и Путин ќе биде чекор кон вистински мир или кон договори што ќе ја ослабат украинската позиција. Симболиката на средбата на американско тло, особено на територија што некогаш ѝ припаѓала на Русија, му носи дипломатска предност на Путин, и покрај меѓународната изолација. За многумина, ваквиот формат потсетува на историските договори каде иднината на цели региони се кроела без учество на сите засегнати страни.

Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска – Извор – Профимедиа

За многумина аналитичари како што наведува РСЕ директните преговори со Вашингтон — додека Украина е исклучена од мировните разговори — потсетуваат на Јалтската конференција од 1945 година, кога Советскиот Сојуз, САД и Велика Британија практично ја поделија Европа по Втората светска војна.

Во меѓувреме  американскиот претседател Трамп, уверен во своите преговарачки способности, станува сè пофрустриран поради неможноста да ја запре војната на Русија, која според западните проценки довела до смрт или ранување на повеќе од милион руски војници. Украинските жртви, исто така, се бројат во стотици илјади.

ВИДЕО | Путин и Трамп „во потрага по мир“: започна историската средба во Алјаска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот