
Неисполнети очекувања од соочувањето на Заев и Мицкоски: Многу теми, пароли и повторувања, а малку нови поенти и идеи
Првиот ТВ-дуел по повеќе од една година на лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според оцените на аналитичарите наликуваше на дуел на пароли, во кој соговорниците само ја повторуваа истата реторика од секојдневните настапи и во кој манифестираа неконструктивност и несамокритичност. Тоа, пак, ги направи неатрактивни за гледачите, кои во вакви соочувања очекуваат да слушнат идеи како ќе се подобри секојдневието, наместо вообичаената негативност, напади и борба на суети.
Препорачано
Заев и Мицкоски, дури, оценуваат нашите соговорници, овој пат како најмногу да им се обраќаа на своите поддржувачи, како да сакаат да ги зацврснат „сигурните гласови“ за претстојните локални избори, наместо да ѝ се обратат на пошироката публика за да ги привлечат неопределените гласачи.
Комуникологот Сеад Џигал вели дека овој дуел ја задржал традицијата на негативен политички наратив, со напади кон актуелната власт, но и кон опозицијата, односно кон потезите на претходната власт.
– Атмосферата беше деструктивна, со напади и контранапади. Точно е дека се очекува жестокост во ставовите во еден таков дуел на врвни политички лидери и во ред е да има спротивставени мислења, ставови и критики, но би требало да почне да се негува еден поинаков амбиент, во кој критиките на потезите на власта ќе бидат придружени и со конструктивни предлози. Лидерите заборавија дека со нивната конструктивност го мотивираат граѓанинот да остане пред ТВ да го проследи дуелот докрај, но и да се мотивира самиот да биде проактивен во општеството. Бидејќи, не е победа ако го понижиш противникот. Граѓаните очекуваат да слушнат идеи како ним ќе им се подобри животот – вели Џигал за „Слободен печат“.
Тој додава дека партиските лидери, дури и кога се државници, на ваквите дуели не зборуваат како државници, туку како партиски лидери и тоа се повторува со години.
– Не нудат новост, свежина и можеби затоа овие соочувања ја изгубија некогашната атрактивност. Поранешниот премиер не сакаше дуели, овој премиер сака и ги прифаќа, но освен квантитет, потребен е и квалитет, а тоа секако влијае каква реакција ќе предизвикаат по јавните соочувања – вели Џигал.
Според професорот Мерсел Биљали, нашата држава со години назадува и сè додека политичарите не пројават јавна самокритичност и не речат дека згрешиле за нешто, не се атрактивни за гледање и за слушање.
– Овој дуел не го сметам за нешто важно за да му посветам внимание и да му правам анализи, затоа што ние со години не само што не одиме напред, туку назадуваме во речиси сите полиња. Ние немаме изградени вредности, кај нас дипломиран со сите десетки нема работа, а неписмен има. Немаме мерит-систем кој по автоматизам ќе се рефлектира и ќе го гради општеството на сите нивоа. Наместо тоа, ние имаме партиски врски со кои сè функционира. Јас на овој дуел не видов самокритика од лидерите за ваквата состојба. Не видов еден од нив да рече, ова не требаше да го сторам вака, туку се однесуваат како да се безгрешни – вели професор Биљали за „Слободен печат“ и додава дека се потребни радикални промени.
Аналитичарот Петар Арсовски дуелот меѓу Заев и Мицкоски го оцени како дебатата на пароли и површни примери затоа што имаше премногу теми, а премалку време.
– Двата лидера се во борба за политички впечаток, се наметна атмосфера премалку фокусирана на аргументи и понуда, а премногу на напади и контранапади. Ова е затоа што долго време лидерите немаа можност да се соочат, па се во борба што повеќе да покријат во премалку простор. Соодветно на тоа, и дополнително обременети од вкупната тензична политичка атмосфера, Заев и Мицковски се во борба за симпатии кај повеќе публики – вели Арсовски за „Дојче веле“.
Тој смета дека би требало да има повеќе дуели, за првите популистички теми да се исцрпат, па лидерите да можат да се фокусираат на споредба на реална визија, политики и понуда, наместо доминантно да разговараат за политичкото поведение на другиот.
Премиерот Заев за време на дуелот настапуваше со самоувереност дека ќе победи на локалните избори и дека граѓаните ги ценат успесите на СДСМ, а Мицкоски ја напаѓаше неговата политика како криминална, коруптивна, дури и катастрофална за државата. На крајот си подадоа рака за фер избори на 17 октомври.