
Недостигот на судии станува алармантен: Тазе пополнетите основни судови пак ќе се празнат за да се поднаполнат апелациите
Недостигот на судии во сите судови станува алармантен – нема суд во државата, основен или повисок, кој е целосно пополнет со потребниот број на судии, а Судскиот совет е на мака како да обезбеди сите судови да работат ажурно и ефикасно. Во дискусиите на последната седница на која се одлучуваше за распишување на огласи за избор на судии во Врховниот суд и во четирите апелациски судови, членовите на Судскиот совет истакнаа дека состојбата е сериозна затоа што за апелациите ќе се изберат судии од основните судови, каде што исто така има недостиг на судии, односно, едни судови ќе се празнат, други ќе се приполнуваат. Лошата состојба ја влошува и фактот што следната 2024 година ќе се пензионираат уште судии, а за нови млади судии треба да се чека уште една и пол до две години, додека да завршат и бидат избрани академците од актуелната генерација слушатели во Академијата за судии и обвинители.
Препорачано
Судскиот совет денеска одлучи да се распишат огласи за избор на шест судии за Врховниот суд, десет во Апелација Скопје, четири во Апелација Битола, двајца во Апелација Гостивар и еден во Апелација Штип, вкупно 23 судии.
За Врховниот суд беше истакнато дека според систематизацијата таму треба да работат 26, а има 16 судии. Координаторот на овој суд, членот на Советот Тања Чачарова Илиевска рече дека Врховниот суд ја покрива целата држава и предложи да се распише оглас за избор на тројца судии од граѓанската област и за тројца од кривичната област, а предлогот беше прифатен.
Координаротот на Апелација Скопје, членот на Советот Ивица Николовски, за овој суд истакна дека според систематизацијата е утврдена бројка од 52 судии, во моментот таму судат 28 судии, а се очекува наскоро да им се приклучат осумтемината судии што неоадмна беа избрани, со што бројката на судии ќе стане 36. Николовски истакна дека, за разлика од систематизацијата, неодамнешната анализа што ја изготви работна група на Судскиот совет покажала дека за оптимална работа на Апелација Скопје се потребни 66 судии, имајќи ги в предвид надлежностите на судот во кој има шест оддели: кривичен, граѓански, трговски, оддел за работни спорови и оддел за судска пракса, како и фактот што годишниот прилив на предмети во овој суд постојано се зголемува.
– Апелација Скопје е еден од најголемите судови кој постапува по предмети што имаат сензитивен карактер и висок јавен интерес. Заради непополнетоста на судсиските места овој суд се соочува со неефикасно и ненавремено постапување. Најдобро би било да се пополнат сите места, но не треба да се направи голем одлив од основните судови. Имајќи ги предвид севкупните услови, но и потребите, секако не можеме да ја задвоолиме потребната бројка, па предлагам да се распише оглас за шест судии во Апелација, четвориза за граѓански оддел и двајца за кривичниот. Во спротивно, ако оптимално го пополниме бројот во Апелација Скопје, основните судови ќе ги доведеме во незавидна положба – рече Николовски.
Членот на Советот Весна Дамева не се согласи со овој предлог и предложи во Апелација Скопје да се изберат десет судии, а нејзиниот предлог беше усвоен.
– Анализата за потребниот број на судии за оптимално функционирање на судовите покажа дека во скопска апелација се потребни 66 судии, систематизацијата утврди 52 судии, а работат 28 судии, па дадениот предлог од координаторот е недоволен. Апелациониот суд Скопје е единствен кој постапува по предмети од организиран криминал. Во ова апелациско подрачје се шест суда со проширена надлежност, меѓу кои и двата најголеми суда, Основниот кривичен и Основниот граѓански суд во Скопје. Бројот што може да ги задоволи потребите во овој момент се шест граѓански и четири кривични судии. И самиот претседател на судот во своето известивање побарал уште 10 судии за да постигне ажурност – рече Дамева.
Чачарова Илиевска го поддржа овој предлог и рече дека може да се очекува и од актуелните судии во Апелација Скопје дел да конкурираат и да бидат избрани за судии во Врховниот суд, што дополнително ќе го намали бројот.
Членот Селим Адеми во поддршка на овој предлог рече дека од Апелација дополнително и ќе се пензионираат судии.
– Со изборт на шест судии нема да направиме ништо за Апелација Скопје. Само постапката ќе трае, а судот нема да добие доволно судии за да функционира – рече Адеми.
Во поддршка на предлогот да се изберат 10 судии за скопска Апелација членот на Советот Антоанета Димовска рече дека на овој суд треба да му се обезедат доволно судии затоа што во граѓанскиот оддел не можат да функционираат судиските совети, а состојбата е тешка и во кривичниот оддел.
Членот на Советот Мирсад Сурои, пак, го поддржа предлогот на Николовски, со образложение дека ќе ослабат основните судови.
– Свесен сум дека секој суд има потреба да се зголеми бројот на судиите. Но, основниот кривичен и основниот граѓански суд се најголемите судови во државата и токму во овие судови се иницираат најголем број од предметите што се разгледуваат на Апелација. Во Кривичен и во Граѓански ќе се пензионираат судии и ќе дојдеме во уште полоша состојба. Ако се изберат шест судии за Апелација, со претходните осум, ќе има доволен број во овој момент, бидејќи е слаба состојбата во основните судови – рече Сурои.
Димовска, од друга страна, потенцираше дека не треба долго да трае постапката по жалбата.
– Се согласувам дека во основните судови има недостиг, но колку трае второстепената постапка? Во граѓанскиот оддел и по две години. Која е поентатата што некој ќе добие првостепена постапка ако долго чека на второстепена? – рече Димовска.
Николовски повтори дека изборот на судии во Апелација е директен одлив од основните судови и потенцира дека апелациите нема да постпуваат по жалби ако нема одлуки од првостепените судови.
– Сите знаеме дека првостепените се дефицитарни со судии, мора да внимаваме да не го нарушуваме балансот. Се додека основните судови не се во подобра кондиција не би требало да ги направиме уште послаби заради недостигот на судии – рече Николовски, чиј предлог не беше прифатен.