
Недоставувањето податоци до ДКСК за службените возила меѓу „најматните“ настани во август според Транспаренси
Транспаренси интернешнл – Македонија го објави септемврискиот извештај од редовната месечна активност „Бистро-Матно“, во која се бележат позитивните и негативните примери поврзани со коруптивни практики и борбата против нив.
Препорачано
Меѓу „матни“ настани е фактот дека повеќе од половина институции воопшто не доставиле податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКС) за службените возила со кои располагаат, иако тоа е законска обврска. Од вкупно 1.514 институции, само 42 проценти ја исполниле оваа обврска, додека 58 проценти не доставиле податоци.
Сериозни пропусти откри и Државниот завод за ревизија во Министерството за образование и наука. Извештајот за 2023 година укажува на милионски долгови, недовршени студентски домови, неупотребени учебници во магацини и капитални инвестиции без контрола.
Извештајот ја нотира и пријавата на група од 16 кардиолози и кардиохирурзи, кои укажуваат дека во најмалку осум случаи биле извршени непотребни операции на приватна клиника, кои потоа биле наплатени од Фондот за здравствено осигурување.
Дополнително, истражување на Факултетот за безбедност покажало дека секој трет граѓанин имал личен допир со корумпиран службеник, што, како што беше истакнато, претставува „сериозна безбедносна закана за државата“.
Во делот на бистри настани, Транспаренси го споменува примерот со студентите кои развија едукативна игра за средношколци „Сива зона“, која преку реални сценарија ги поттикнува младите да размислуваат за последиците од корупцијата и неетичкото однесување.
Позитивен пример е и поднесувањето на кривични пријави против шест вработени во ЈП „Национални шуми“ за нанесена штета од над 170.000 евра, како и против тројца полицајци за ненавремено постапување со прекршочни предмети, со што била предизвикана штета до два милиони денари.