Фото: facebook

Недела за превенција на рак на грлото на матка: Редовна посета на гинеколог и следење на препораките за превенција

Секоја година од 23 до 29 јануари се одбележува недела за превенција на рак на грлото на матка, со цел да се подигне свеста за ризикот и да им се помогне на жените да научат како да ги намалат ризиците и да ја спречат оваа болест. Од Институтот за јавно здравје апелираат дека ракот на грлото на матка е чест карцином кај жените на возраст над 35 години, а 75 проценти од карциномот на грло на матка може да се спречи со методите за превенција.

Кревањето на свесноста треба да го направиме со споделување на информации за скрининг за рак на грло на матка, споделување на информации за симптомите и дијагноза на рак на грло на матка и споделување информации за ХПВ вакцинацијата, велат од ИЈЗ.

Цервикалниот канцер не дава никакви симптоми и тешко се открива

Симптомите најчесто се јавуваат откако болеста веќе е проширена, велат од Институтот. Симптомите што се јавуваат кај ова заболување можат да се поделат во две групи. Во рана фаза на болеста се јавуваат пелвична болка, вагинално крвавење пост менопаузално, вагинално крвавење по сексуален однос и абнормален вагинален исцедок. Во доцната фаза како симптоми може да се јават отежната столица со ректално крвавење, слабост, малаксаност, губење телесна тежина, отежнато мокрење, силна стомачна болка и отоци на нозете, се посочува во соопштението.

Со цел навремено спречување, потребно е да се вакцинирате против ХПВ и да се прават редовни скрининг тестови, апелира ИЈЗ.

Од 26.217 скрининг тестирања во 2021 година, кај 2070 се откриени цитолошки абнормалности

Скринингот за рано детектирање на грлото на матка ги опфаќа жените на возраст од 36 до 45 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Со ова, како што посочија од Институтот се овозможува изработка на ПАП тест, со кој би се детектирало можното присуство на преканцерозни или канцерозни промени. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во 2021 година во рамки на скринингот се направени 26.217 тестирања, од сите тие кај 2070 се откриени цитолошки абнормалности

ХПВ најчеста причина за рак на грло на матка

Хуманиот папилома вирус или ХПВ е најчесто дијагностициран сексуално пренослив вирус. Подеднакво ги зафаќа и мажите и жените, а може и да се пренесува без присуство на никакви симптоми. ХПВ типовите 16 и 18 се најчестите причинители на рак на грло на матка, а тип 6 и 11 најчесто предизвикуваат генитални брадавици. Како метод за превенција е достапна вакцина насочена кон сите овие поттипови, за девојчиња и жени на возраст од 9-26 години. Во нашата држава таа е дел од календарот за имунизација и се дава на 12 годишна возраст. Тоа е така бидејќи овозможува развивање на имунитет уште од порана возраст, односно пред да бидат сексуално активни. Вакцината се дава во три дози, втората доза два месеци по првата, а третата по шест месеци од првата доза, велат од ИЈЗ.

Институтот за јавно здравје апелира до сите жени редовно да посетуваат гинеколог и да ги следат препораките за превенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот