
Неделава ќе се потпише договорот со приватните превозници, до крајот на месецот се враќаат во сообраќај
Проверките на ГПС – системите на автобусите на приватните превозници што ги правеше ЈСП „Скопје“, а преку кои се следи километражата, начинот на возење, валидирањето, се завршени и возилата се подготвени да се вклучат во сообраќај. Во текот на неделава треба да се официјализира договорот и после изминувањето на законскиот рок од осум дена од потпишувањето, приватните автобуси повторно ќе возат по скопските улици. Тоа, според очекувањата на градоначалничката Данела Арсовска, би требало да се случи до крајот на месецот.
Препорачано
Со враќањето на приватниците во сообраќај, во голема мерка ќе се растовари јавниот градски превоз, ќе се намали метежот во возилата, но исто така се очекува да се нормализира возниот ред, автобусите да бидат редовни и да престане долготрајното чекање на граѓаните на автобуските станици.
Откако Арсовска пред шест месеци, по протестот на приватните превозници го прекина договорот со нив, Град Скопје објави дури четири огласи со кои се бараа превозници на линиите каде претходно возеа приватните автобуси и на линиите кои претходно приватниците ги опслужуваа заедно со ЈСП.
На првите два никој не се пријави, а успешен беше дури последниот повик, објавен на почетокот на април, затоа што на претходниот била доставена нецелосна документација, па огласот беше повторен.